Собраниската комисија едногласно ги усвои протоколите за прием на Финска и Шведска во НАТО

од Nikola Popovski

Комисијата за надворешна политика на Собранието едногласно го усвои предлог-законот за ратификација на протоколот за прием на Шведска и Финска во НАТО.

Членовите на власта и опозицијата дадоа поддршка за членството на двете скандинавски земји во НАТО, оценувајќи дека тие се пријателски земји кои секогаш ја поддржувале Северна Македонија од нејзината независност, како и во евроатлантските аспирации.

Пратеничката од НСДП, Соња Мираковска, поддржувајќи го потпишувањето на протоколот, изрази надеж дека овие документи ќе поминат едногласно в среда на пленарната седница на Собранието што е закажана за напладне.

Владата до Собранието го достави предлог-законот за ратификација на протоколот за пристапување на Кралството Шведска и Република Финска кон Северноатлантскиот договор, со цел да се создадат формално-правни предуслови за влез на тие две земји во најголемиот воено-политички сојуз во светот.

Премиерот Димитар Ковачевски и членовите на владата, како што тогаш беше соопштено, отворено ја поддржаа иницијативата на Шведска и Финска за членство во НАТО, а во мај владата во Скопје даде согласност за прием на тие две земји.

Протоколите за прием на Шведска и Финска во НАТО беа потпишани на 5 јули во Брисел од овластените претставници на земјите членки на Алијансата.

Слични содржини