Социјална сигурност, повисоки пензии и нови градинки со Предлог-буџетот на МТСП за 2023

од Nikola Popovski

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски заедно со министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска денеска одржаа прес-конференција по повод Предлог-буџетот на Министерството за труд и социјална политика за 2023 година.

„Буџетот за 2023 година на МТСП изнесува 858,3 милиони евра. Оваа година се соочивме со голем број предизвици и на економски и на енергетски план, но граѓаните се уверија дека јас и министрите во Владата, носевме навремени одлуки и реагиравме како би се намалиле кризните предизвици и за граѓаните и за стопанството. Обезбедивме стабилност во есенскиот и зимскиот период. Во ниту еден момент, ниту една категорија граѓани не беше оставена настрана, туку напротив, високо на листата приоритети ни беа и остануваат, материјалните права на ранливите категории граѓани, самохраните родители, социјалните случаи, лицата со инвалидитет, пензионерите и останатите групи граѓани. Со буџетот на МТСП за 2023 година, обезбедуваме достапност на социјалните услуги, но и зголемувањето на материјалните права на пензионерите и граѓаните кои се дел од системот за социјална заштита“, истакна денеска премиерот.

Според него, пензиите ќе бидат зголемени вкупно 16 % за време на една календарска година за сите 330.000 пензионери.

-Најголемиот дел на средства, 499 милиони евра се трансфер до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, што е дополнителен показател за граѓаните дека пензискиот фонд го одржуваме стабилен. Директна финансиска помош од вкупно 6.000 денари за пензионери коишто земаат до 11.525 денари, а воедно директна финансиска помош од 3.000 денари за пензионери коишто имаат пензија од 11.525 до 14.000 денари, истакна Ковачевски.

Покрај правата од социјална заштита, Ковачевски вели дека зајакнати се социјалните услуги за граѓаните на кои помошта им е неопходна.

-Во Буџетот за 2023 година, издвоивме три пати повеќе средства за услугите: помош и нега во домот, лична асистенција, живеење со поддршка, згрижување, лица со попреченост, стари лица, бездомни лица. И во 2023 година, не запираме во инвестиции во детската заштита. Предучилишните установи се клучот за социјализација на децата, исто така со вложувањето во нови градинки отвораме нови работни места што значи и економски развој на општината или населеното место. Продолжуваме да создаваме услови граѓаните да гледаат можност за просперитет и за развој за себе и за своите деца, онаму каде што живеат. Во Предлог буџетот за 2023 година се предвидени средства за нови капитални инвестиции. Изградба на нови и проширување на капацитетите на постојните градинки. Гевгелија, Дебар, Могила, Делчево, Карбинци, Битола добиваат нови капацитети за предучилишно воспитание. Со изградбата на овие градинки го прошируваме опфатот за околу 500 деца.

Дополнително со поддршка на Светска банка преку Проектот за подобрување на социјалните услуги, инвестираме во уште четири капацитети на детски градинки. Градиме во Липково Арачиново, Битола и Карпош. Овие нови детски градинки значат згрижување, социјализација и едукација на нови 450 деца, односно обезбедуваме вкупно 950 деца да имаат можност за влез во предучилишниот процес, информира премиерот на денешната прес-конференција.

Слични содржини