Софија разочарана од Резолуцијата со која Скопје постави црвени линии

од Nikola Popovski

Бугарското министерство за надворешни работи изрази разочарување од Резолуцијата усвоена во Скопје со која се забранува македонскиот јазик и нација да бидат предмет на преговори меѓу Скопје и Софија.

Собранието на Македонија завчера усвои Резолуција за поставување „црвени линии“ во однос на Бугарија.

Бугарското Министерство за надворешни работи наведува дека допрва ќе го проучува документот, но посочува дека Резолуцијата може да му овозможи на Скопје на законодавно ниво да не го почитува билатералниот договор со Бугарија за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година.

Тоа би било неприфатливо за Софија и би значело кршење на меѓународното право.

Властите во Софија, пак, сметаат дека пред почетокот на преговорите, потребно е да се решат прашањата поврзани со македонскиот национален идентитет, односно прашањето за јазикот и идентитетот на националните херои, вклучително и Гоце Делчев.

Во суштина, Софија се обидува да ги запре барањата на Македонците во Бугарија да бидат признати како национално малцинство, што, според поранешната министерка за надворешни работи Екатерина Захаријева, ќе се реши кога Скопје ќе признае дека македонскиот јазик и идентитет имаат бугарски корени.

Софија инсистира македонскиот јазик, уште повеќе, да се нарекува официјален јазик на Република Северна Македонија, или во одредени случаи фуснота со објаснување: „Според Уставот на Република Северна Македонија“.
Бугарија, исто така, наведува дека „македонскиот јазик настанал во 1944 година“ и дека може да се смета само како „пишана регионална форма на бугарскиот јазик“.

Слични содржини