Сојузништво на дело: Армијата ја прими донацијата од заштитна опрема и дезинфекциски пумпи од Обединетото Кралство

од Берта Китинска

Заштитни ракавици и повеќе видови пумпи со висок притисок и рачни пумпи за дезинфекција се дел од донацијата од Обединетото Кралство за припадниците на Армијата на Република Северна Македонија која денеска беше примена од државниот секретар во Министерството, Драган Николиќ. Донацијата на оваа опрема, како и донациите од останатите сојузници се јасен сигнал за меѓусебната поддршка помеѓу сите земји – членки на Алијансата во овие тешки моменти за целиот свет.

Николиќ изрази благодарност до претставниците на британската амбасада за доделената помош, истакнувајќи дека секоја помош во дополнителна опрема за нашите војници е добредојдена во напорите за борба со светската пандемија. Државниот секретар посочи дека сите припадници на Армијата со најголема професионалност и посветеност ги извршуваат своите задачи, и дека Министерството води грижа за нивна максимална заштита.

Армијата во моментов е активно вклучена во справувањето со кризата, особено во поддршка на полицијата. Армиските припадници го превземаа обезбедувањето на државната граница во т.н. „зелен појас“, заеднички со полициските службеници ги обезбедуваат објектите од витално значење како Владата, Собранието, како и казнено – поправните установи. Војниците се активно вклучени во спроведувањето на кризната состојба во регионот на Дебар и Центар Жупа, а ги обезбедуваат и објектите определени за државен карантин.

Покрај задачите поврзани со пандемијата, припадниците на Армијата секојдневно ги извршуваат своите останати задачи, меѓу кои е и повеќе годишната поддршка на полициските сили во заштита на јужната граница од нелегалниот влез на мигранти.

Слични содржини