Сопругот на главната белоруска опозиционерка е осуден на 18 години затвор

од Nikola Popovski

Окружниот суд во Гомел го осуди белорускиот блогер Сергеј Тихановски, сопруг на поранешната белоруска претседателска кандидатка Светлана Тихановскаја, на 18 години затвор за неколку кривични дела, вклучително и организирање граѓански немири во Белорусија, соопштил за „Спутник“ еден од учесниците во судењето.

Неговиот адвокат Виктор Мацкевич, исто така, ја потврдил пресудата, додавајќи дека Тихановски ќе одлежи во строго обезбедуван затвор.

Одлуката на Окружниот суд во Гомел може да се обжали до Врховниот суд на Белорусија.

„Ќе ги преземеме сите мерки предвидени со закон за жалба на таа пресуда, бидејќи незаконските пресуди имаат својство да се поништат. Во предвидениот рок ќе биде поднесена жалба против судската пресуда“, рече Мацкевич.

Судењето на Тихановски и на уште петмина други опозиционери започна кон крајот на јуни и се одвиваше зад затворени врати на територијата на истражниот затвор Гомел. Според државната агенција „Белта“, осудени се и други опозиционери против кои се водела постапката.

Тихановски требаше да се кандидира за претседател на Белорусија во 2020 година, но не успеа да регистрира иницијативна група која би го предложила за кандидат. Во тоа успеа неговата сопруга Светлана Тихановска. Таа учествуваше во изборната кампања, а опозицијата ја смета за победник на претседателските избори одржани минатата година. Тихановски беше приведен на крајот на мај 2020 година на митинг на кој собираше потписи за поддршка на сопругата.

Истражниот комитет на Белорусија во април објави дека истрагата во случајот против Тихановски и другите опозиционери е завршена и дека според членовите на Кривичниот законик тие се обвинети за повеќе кривични дела.

Фото: BelaPAN

Слични содржини