Состојба со пожарите до 10 часот

од Vladimir Zorba

Вчера во попладневните часови на пожарот кај с.Раовиќ, општина Сарај дојде до негово разгорување, каде во еден момент се гледаа 10 жаришта на линија од 2 км и едно одделно жариште на 5-6 км од останатите жаришта. Утрово пожарот чади на повеќе места со можност да се разгори и истиот се простира од село Буковиќ кон село Чајлане и Матка, соопшти ЦУК.

Пожарот на отворен простор помеѓу селата Барово и Вешје е сеуште активен и проширен кон висорамнината Витачево, кон с.Страгово во опш.Кавадарци. На овој пожар Гори сува трева и нискостеблеста шума на тешко пристапен терен. Пожарот се шири на повеќе краци, а во текот на ноќта интензитетот на пожарот беше најјак во реонот на с. Барово, с. Бесвица и во правец на с.Вешје. Интервенираат 100 војници на АРСМ, 20 вработени од ШС Демир Капија и 20 лица од доброволно ПП друштво.

Пожарот кој започна вчера во попладневните часови во атарот на с.Г.Мелничани во општина Центар Жупа е во моментов активен. Зафатена е површина од букова шума. Во текот на ноќта се интервенираше до 02.00 часот наутро, а во утринските часови упатени се екипи на ТППЕ-Дебар, 10 вработени од ШС „Стогово“ од Дебар, припадници на полиција од ПС-Дебар и градежна механизација, како и вработени од општина Центар Жупа. Во моментов се дејствува на гаснење на пожарот.

Пожарот кој избувна вчера помеѓу селото Црвена Вода и планинарскиот дом Китка е ставен под контрола, иако на опожарените места сеуште чади и догоруваат корења и гранки.

Шумскиот пожар кој започна во текот на вчерашниот ден на подрачјето на Општина Кратово во м.в.Кормина, близу селото Емирица е веќе локализиран, но бидејќи постоеше можност за повторно активирање, екипа на МШ Кратово дежураше во текот на ноќта се до утринските часови.
Пожарот во атарите на селата Грумази и Ивени во општина Новаци, каде гореше сува трева и нискостеблеста шума, а постоеше опасност да биде зафатена и високостеблеста букова шума, вчера во текот на попладневните часови е целосно изгаснат.

Исто така и запалената депонија во Радовиш е целосно изгасната.

Целосно изгаснат е и пожарот кај с.Шипковица на планината Плачковица. Зафатена беше површина од околу 1 Ха, претежно букова шума, додаваат од Центарот за управување со кризи.

Слични содржини