Состојбата на доктор Ѓорчев не е последица од вакцината, соопштија од Клиничкиот центар во Ниш

од Берта Китинска

Директорот на Универзитетскиот клинички центар, Зоран Перишиќ, денеска изјави дека состојбата на 73-годишниот маж од Македонија, на кој му се слошило во салата „Чаир“, е непроменета и дека тој се уште е во кома.

„Анализите покажаа дека неговата состојба не е последица на вакцината што ја прими“, изјави Перишиќ за агенцијата Бета.

Како што рече, лекарите исто така ги елиминирале срцевите проблеми како причина за несвесната состојба, бидејќи е направена коронарна ангиографија и се проверува состојбата на четирите бајпаси што ги имал пациентот од претходно.

Веста дека Македонец паднал во кома откако ја примил вакцината против ковид 19 ја пренесоа српските медиуми, а во текот на вчерашниот ден, стигна потврда дека станува збор за познатиот пулмолог Анѓелко  Ѓорчев кој е татко на поранешниот пратеник Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.

-Мојот татко Проф. Др. Анѓелко Ѓорчев е во длабока кома и се бори за животот на респиратор. Се надеваме и се молиме да му се подобри состојбата…Вчера рано наутро (недела) тргнал за Ниш да се вакцинира, затоа што неговата сакана Македонија тотално потфрли со вакцините. Појде на вакцинација заедно со неколку негови колеги доктори. Стар човек (роден 1948 година), со три бајпаса и три стента. Отиде за Ниш, затоа што цела година беше дома. Речиси без излегување, со минимум, минимум социјални контакти поради ковид кризата, напиша вчера Ѓорчев на Фејсбук.

Слични содржини