Состојбата се влошува, земјава е на праг на нов ковид бран

од Берта Китинска

На кафе, концерт, спортски натпревар, работилници и разни културни манифестации каде има повеќе од 30 присутни ќе се бара потврда за примена најмалку една доза КОВИД вакцина. Ова се новите мерки кои стапуваат на сила на 16 август и ќе важат за полнолетните лица.

Министерот Филипче вели дека овие мерки биле нужни бидејќи нагло се зголемиле бројките на заразени и хоспитализирани а анализите покажале дека вирусот најмногу го шират неимунизираните.

„Очигледно е дека вакцината е единствениот инструмент и механизам со којшто ние можеме да ја смениме сликата на пандемијата. Евидентно е дека болеста многу повеќе се шири кај невакцинираните. Мораме да ги преземеме овие мерки сега. Апсолутно тврдам дека се навремено преземени, претходно немаше ни дијагностицирани случаи ни пациенти во болниците. Мислам дека ова е нешто што ќе даде добри резултати. Имунитет од прележана болест не штити доволно и не ствара доволно имунитет така како што ствара вакцината“, вели министерот.

Филипче кажа дека Македонија се наоѓа на почеток на еден нов бран со коронавирусот. Бројките растат, и тоа е доказ дека се соочуваме со нов бран.

„Денеска имавме координативна средба со директорите на клиниките. Очигледно е дека сме на почеток на еден нов бран, а тоа се случува секаде во регионот. Тоа кажува бројот на новодијагностицирани пациенти и кај нас и во регионот .Тоа се пренесува и во болниците, но не секаде“, кажа Филипче.

Вчера беа регистрирани 4 починати лица: 3 од Куманово (29г,49г и 74г) и еден од Гостивар (78г).

Во последните 24 часа се направени 6.383 тестирања, а регистрирани се 398 нови случаи на КОВИД-19.

Слични содржини