Советниците контра Арсовска: „Градоначалничката манипулира за да излезе од калта, ние мора да бидеме гласот на граѓаните“

од Nikola Popovski

Советот на Град Скопје по втор пат го блокираше предлогот на градоначалничката Данела Арсовска за домашно долгорочно задолжување за набавка на еко автобусите. Советниците на Град Скопје кои не дадоа поддршка на предлогот велат дека не добиле доволно информации околу начинот на набавката, додека од Град Скопје изразија жалење што советниците, наместо да ги задоволат скопјани, ги задоволуваат, како што посочија, партиските лидери. Покрај тоа, поддршка не доби ниту иницијативата на советничката група на СДСМ за остапување на реконструкцијата на Универзална сала на Владата, а потоа повторно враќање во ингеренции на Градот.

Рената Јајоска

Дел од советниците со кои поразговаравме велат дека тоа што се случува во Советот е неприфатливо. Според советничката од редовите на СДСМ, Рената Јајоска, во услови кога веќе имаме готов проект (БРТ), кој е поддржан од Владата и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и е во вредност од 70 милиони евра, да набавуваме еко – автобуси, кои ќе се движат по истите траси, со истиот концепт од 80-тите години е неприфатливо.

-Патем, не треба да заборавиме дека БРТ е со еколошка компонента и е прилично поисплатлив. На Скопје му е потребен брз и квалитетен јавен транспорт, порачува советничката за „Локално“.

Во однос на тоа што Градот не ја дава Универзална сала, Јајоска вели дека иницијативата „изгуби“ со 6 глас против, 4 воздржани и со негласањето на останатите советници иако беа во салата.

-Нашите 15 гласови, за жал, не беа доволни за да се реализира иницијативата на советничката група на СДСМ, Владата времено да го преземе корисничкото право на Универзална за да ја реконструира и потоа да му ја врати на Градот. За дел од советниците, особено од ВМРО ДПМНЕ, тоа беше наречено пораз за нив и за градоначалничката, но интересно е тоа што не им будат чувство на пораз парите кои Владата му ги додели на Градот за таа намена (2 милиони евра) и ништо со нив не се направи. Дел од советниците пак, особено од Левица, рекоа дека не дозволуваат Владата да ја реконструира Универзална на една година пред избори, а всушност не дадоа да продолжи нејзиното обновување во година во која одбележуваме 60 години од скопскиот земјотрес чиј симбол на солидарноста е токму Универзална сала. Таа е симбол кој никој не смее да помисли да го злоупотреби. Ќе повторам, во нашата иницијатива нема ништо спорно. Впрочем, сопственици на Универзална се сите граѓани кои, со право, не ги интересира кој, како, зошто…туку кога ќе се реконструира Универзална сала. Со вчерашното отфрлање на нашата иницијатива, се плашам дека нашите колеги советници кои гласаа против, воздржано или воопшто не гласаа, самите го дисквалификуваа нашето Скопје кое влезе во најтесниот круг за титулата Европска престолнина на културата за 2028 година, оценува советничката.

На прашањето дали може да се најде заеднички јазик за двете иницијативи, Јајоска истакнува дека ако се има волја и желба да се направи нешто добро, секако дека може да се очекува напредок.

-Сепак, гледајќи ја атмосферата на седниците, но и желбата на градоначалничката Арсовска – не сум оптимист. На седниците на градот Скопје доминираат меѓусебните обвинувања и навреди на лична основа. Веќе и јас и моите колеги сме уморни да зборуваме за ниското ниво на дискусиите и квалитетот на истите. Секоја иницијатива, секоја идеја за развој на градот е прифатена со ароганција и гнев, смета соговорничката.

Советничката го поздравува предлогот на градоначалничката Данела Арсовска за субвенции за еко-возила, но ги разбира и критиките, сугеститите од граѓанските организации.

-Поединечните мерки многу тешко го даваат посакуваниот резултат. За да имаме подобрување, потребно е да споведуваме цел сет на еко – мерки, во различни сфери, како градот Скопје, така и сите други скопски општини, јавни установи, институции, па и приватните компании. Инспекциските надзори со години се „болна“ тема на градот и општините. Затоа што ние имаме многу мерки и законска регулатива, но истата треба да се спроведува и на терен, а сето тоа да биде контролирано и од страна на градежни, комунални инспектори, инспектори за домување, за животна средина и слично.

Да, партиите можат да се разликуваат во одредени решенија, политики кои се креирани и согласно нивните вредности и идеологија, но на Скопје, а и на Македонија и треба сеопфатна национална стратегија. Стратегија која нема да остане на хартија туку ќе се спроведува, со реални мерки, политики, индикатори и со очекувани резултати, на краток, долг и среден рок, порачува Јајоска.

Градоначалничката тврди дека со 70 милиони евра оперативен буџет прави чуда, но Јајоска вели „ако за чудо го смета инаетењето и некооперативниот пристап, тогаш да, веројатно прави чуда“.

-Знаете како, сите веќе се уверивме дека Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ немаат идеја и стратегија за развој на Скопје. Тие ги разочараа граѓаните, кои им ја доверија поддршката на последните локални избори.

Сепак, и ние како опозициски советници, но и пред се како граѓани на нашето Скопје мора да го промениме наративот и начинот на следење на работата на актуелното раководство. Граѓаните се заситени од секојдневните меѓупартиски обвинувања, пресметки, „кој што направил“, „во чие време е направено нешто“. Затоа сметам дека треба да продолжиме да бидеме проактивни, да даваме идеи и иницијативи (како последната за Универзална) и да бидеме реална поддршка на градот. Иницијативноста и волјата за соработка мора да постојат ако сакаме да ја одржуваме јавноста „будна“ и граѓаните активни.

Сите испитувања на јавното мислење покажуваат дека голем дел од граѓаните се апатични, незаинтересирани за политика. Тоа е сериозна порака до сите нас, кои сме дел од политичкиот живот. А, само со иницијативност може да се менуваат работите. Колку и другата страна да е „глува“ и „слепа“, ние мора да бидеме гласот на граѓаните, гласот на модерното, на урбаното, на убавото… за нашето Скопје, заклучува Јајоска.

Стефан Андоновски

Од друга страна, советникот во Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски за „Локално“ вели дека градоначалничката веќе втор пат на одлучување поставува точка за кредитно задолжување на градот, а истовремено, веќе 3 месеци градот и ЈСП не изработуваат Извештај кој бил побаран од советниците и кој требало да биде изготвен во рок од 7 дена во декември.

-Немаме ниту информации кои се проспектите на ова задолжување, cost-benefit анализа на набавката, условите, начинот на набавка на автобуси итн… Несериозно е едно вакво големо задолжување да се доставува на Совет без јавна расправа и без никакви подетални информации, на само 2 страници пишан текст. Во моментот кога би ги имале сите потребни информации, ние можеме да се произнесеме. Се до тогаш, како советничка група нема да учествуваме во гласањето. Ако веќе се повикува на својата изборна програма, градоначалничката треба да обезбеди и грантово и донаторско финансирање на овие проекти, а не само кредити во домашни банки за кои никој не ги знае условите, дециден е Андоновски.

Во однос на ситуацијата со Универзална сала, советникот вели дека „од иницијативите на министерката за култура гледаме што е намерата на Владата, но во искреноста на тие намери јас лично не верувам“.

-Мислам дека предлогот доаѓа за да се прикрие лошата изведба на подготвителните работи и проектантите во изминатиот период. Сепак, кога ќе го видиме и ставот на градоначалникот ќе можеме да изградиме мислење како Совет, информира Андоновски.

Потенцира дека постојат многу иницијативи кои поминуваат на Советот, кога за нив има соработка од самиот почеток и има искрен став од градоначалникот.

-За жал, многу од нив, донесени со одлука на Советот, потоа воопшто не се применуваат. Такви се субвенциите за сметки за струја на лицата во социјален ризик, субвенциите за инвертер клими кои пропаднаа, новите автобуски линии и продолжувањето на постоечките… Проблем е кога на хартија имате одлични иницијативи кои поминуваат со поддршка од сите советници, но потоа тие не се реализираат во пракса. Граѓаните на тој начин двојно се излажани – прв пат кога гледаат дека одреден проблем номинално се решава од градот, и втор пат, кога во суштина нема никаква реализација, укажува советникот и додава:

-Како Совет сметавме дека одлуките се избрзани, необмислени, популистички и еднострани, па затоа овие иницијативи добија помалку од 10 гласови од советниците. Во моментот сметам дека ургентно мора да се реализира мерката за помош на граѓаните за нивните сметки за струја, како и поинтензивна работа на инспекторатите за спречување на загадувањето од загадувачите кои се во надлежност на градот, ревидирање на регистарот на загадувачи и зголемување на бројот на мониторирани позиции, поголеми акции за садење дрва во градот итн.

Aндоновски смета дека градоначалничката Арсовска не треба да се слуша за тоа што го зборува на прес-конференциите.

-Човек кој 24 часа во денот смислува нова манипулација за да излезе од калта која сам ја создал со некоја претходна манипулација не треба воопшто да се слуша на прес-конференции, заклучува соговорникот.

Н.П.

Слични содржини