Советот на Европа ја суспендира изградбата на хидроелектраните Бошков Мост и Луково Поле во националниот парк Маврово, но и на останатите 22 помали електрани, покажува еко-студијата на Бернската конвенција. Меѓународните екологисти не дозволуваат градежни зафати во Маврово вклучувајки и изградба на патна инфраструкатура. Анализата покажала дека под закана била целокупната животна средина во заштитеното подрачје.
Планираните хидроелектрани во Националниот Парк Маврово не се компатибилни со статусот на заштита на паркот и вредните екосистеми и видови и како такви треба да бидат напуштени. – пишува во анализата на Бернската Конвенција при Советот на Европа.
Оваа препорака важи се додека не се подготви стратешка оцена за влијанието врз животната средина.
„Откако беше презентиран извештајот, реакцијата на нашата влада беше негативна и изричито го негираше извештајот. Она што беше кажано е дека како таков за Македонија е неприфатлив, и Владата бараше препораките да не бидат усвоени на овој состанок, туку да се одржи повторна истрага со нови експерти и дури другата година да се донесат препораки“, изјави Ана Чоловиќ-Лешовска од невладината организација „Еко свест“.
Од владата молк , но не се откажуваат од изградба на хидроелектраните и побарале дополнителна студија за исплатливост на проектите, изработена од домашни експерти.
Против изградба на хидроелектрани во Маврово протестираа жителите од реканскиот крај но и протести имаше и во соседна Албанија. Според екологистите во прашање е доведен статусот на националниот парк. Екологистите стравуваат и од изумирање на Балканскиот рис и пресушување на реката Радика. За владата се уште изградбата на Бошков Мост и Луково Поле се од стратешко значење за енергетиката на земјава.