Спасеновски: Вчерашното гласање со скафандери во Собранието е нова фаза во судирот меѓу власта и опозицијата

од Nikola Popovski

„Вчерашниот потег во Собранието е еклатантен пример за тоа дека во нашата држава продолжува да се храни онаа тензичност меѓу политичките партии, веќе подолг временски период“, вели универзитетскиот професор и поранешен пратеник Александар Спасеновски за емисијата „Студио 10“, за вчерашното гласање во Собранието и доаѓањето на двајца позитивни пратеници со Ковид-19 во скафандери.

Според него, таква тензичност има свој негативен одраз и врз состојбите во државата.

„Ова вчера можеме да го оцениме како една нова фаза кон овој долгогодишен и мачен тежок судир на релација власт-опозиција, кој трае повеќе од 5 години. Вчерашниот настан можеме да го сметиме во новите негативни настани, кој што ни се случуваат веќе некое време, а кој што само ја храни тензијата“, посочува Спасеновски.

Контроверзната разрешница на петтиот пакет антикризни мерки за чие гласање во Собранието по два ипол месеци блокади и уцени беа ангажирани и пратеници во скафандери, предизвикува бура од реакции во јавноста. Социјалните мрежи вријат, политиката се препукува, се множат обвинувањата и закани околу легалноста на процесот.

Власта тврди дека целиот процес е легитимен и согласно усвоениот протокол за работа на парламентот во услови на пандемија. Опозицијата реагира за тероризам, повреда на законите и бара одговорност. Сепак потегот на шефот на државата Стево Пендаровски, кој експресно стави потпис на указите за пакетот закони ги расчисти дилемите и го отвори патот за операционализација на мерките.

Слични содржини