Спасеновски за „Локално“: Немањето стабилна политичка влада во Софија, не е добар индикатор за решавање на македонското прашање

од Vladimir Zorba

Немањето на стабилна политичка влада со јасен мандат и поцврсто парламентарно мнозинство, како што споменавме, не е добар индикатор за решавање на посложени политички прашања, како што несомнено за официјална Софија е македонското прашање, вели професорот на Правниот факултет, Александар Спасеновски во интервју за „Локално“ за постизборниот период кај нашиот источен сосед и што резултатите од изборите значат за евроинтеграцијата на С.Македонија.

Смета дека ниту една од опциите не е поволна за решавање на посложени прашања какво што несомнено е прашањето на прекинот на блокадата за натамошен развој на билатералните односи меѓу двете земји.

– Во секој случај, ако треба да се бара некаков зрак на оптимизам, важно е да се истакне дека најновиот состав на бугарското народно собрание, за разлика од претходното, има изгледи да биде помалку националистичко во однос на нашата земја затоа што партиите на крајната десница не успеаа да добијат мандати наспроти други проевропски структури, вели Спасеновски.

За провокациите на Трифонов по првиот изборен ден кон нашата земја, професорот истакнува дека за разлика од периодот по склучувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, денешните македонско-бугарски односи, за жал, повторно се втурнати во еден политички ќорсокак кој не кореспондира со европските и евро-атланските вредности и принципи кон кои тежнеат двете држави.

– Сепак, останува да се види дали оваа погрешна интерпретација преставува ненамерна грешка или свесен потег кој ќе значи продолжување на рестриктивната политика на официјална Софија кон нашата држава, посочува поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Изборите во Бугарија повторно со тесен резултат, „Има таков народ“ на Трифонов има мала предност, но ситуацијата навестува дека повторно ќе има проблем во составување на владино мнозинство. Што сепак исходот од изборите значи за С.Македонија во однос на евроинтеграциите?

– Распоредот на силите во 46. Народно Собрание на Република Бугарија, по завршувањето на парламентарните избори од 11 јули 2021 година, наговестуваат продолжување на политичката криза. Имено, и по втор пат, ниту една политичка партија, не доби доволен легитимитет од страна на граѓаните за да ја спроведе својата политика. Се чини дека поделеноста во бугарското општество натамошно ќе катализира, што, секако не е поволно за вкупните прилики во државата.

Распоредот на силите во законодавната власт, истовремено, го стеснува и изборот во однос на структурата на новата влада на две доминантни опции. Имено или ќе се создаде некаква политичка власт која би била прилично фрагилна заради тесното мнозинство или, пак, ќе има ново пролонгирање на кризата преку продолжување на мандатот на преодната влада за дополнителен период во кој ќе треба да се организираат нови парламентарни избори.

Независно од исходот, сметам дека ниту една од опциите не е поволна за решавање на посложени прашања какво што несомнено е прашањето на прекинот на блокадата за натамошен развој на билатералните односи на Република Бугарија со Република Македонија. Во секој случај, ако треба да се бара некаков зрак на оптимизам, важно е да се истакне дека најновиот состав на бугарското народно собрание, за разлика од претходното, има изгледи да биде помалку националистичко во однос на нашата земја затоа што партиите на крајната десница не успеаа да добијат мандати наспроти други проевропски структури, пак кои успеаа натамошно да ги зацвртат своите позиции.

Претседателот на Бугарија, Радев вели дека самите треба да си ја кренеме блокадата и целата вина ја пренесе на македонската страна…Колку воопшто остава простор за решение?

– Решавањето на недоразбирањата помеѓу официјално Скопје и официјална Софија треба да биде производ на засилен и искрен ангажман на двете страни. Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од први август 2017 година претставува добра основа за генерирање на нов оптимизам во односите помеѓу двата народа. Инфлацијата на лоши вести долго време ги обременуваше односите помеѓу двете соседни држави. Во таа смисла, низ призма на споменатото ја гледам и изјавата на претседателот на Република Бугарија, Румен Радев. Имено, преку еден умерен тон, имам впечаток дека се настојува да се остави простор да се доближат ставовите за да може да се постави основата за новиот позитивен развој на билатералните односи помеѓу Република Македонија и Република Бугарија.

Дали воопшто е можно решение во септември без воспоставена влада во Софија? Актуелната на Јанев веќе одби да ни даде „зелено светло“ за почетокот на преговорите ЕУ…

– Немањето на стабилна политичка влада со јасен мандат и поцврсто парламентарно мнозинство, како што споменавме, не е добар индикатор за решавање на посложени политички прашања, како што несомнено за официјална Софија е македонското прашање.

Во оваа смисла, сакам да обрнам внимание на две околности: прво, факт е дека граѓаните на соседна Бугарија, на последните парламентарни избори, со гласањето за поновите антиестаблишемнтски партии, односно со негласањето за некои националистички структури, на некој начин дадоа и легитимитет на една нова, попрагматична, умерена и проевропска политика. Тоа, пак, во однос на Република Македонија има потенцијал да резултира со натамошно прилагодување на пристапот на официјална Софија кој во последната година, мораме да се согласиме, дека помалку се карактеризираше со умереност и со одмереност во изјавите и во постапките.

Второ, ваквиот исход од парламентарните избори во Бугарија, можеби има уште една позитивна страна. Имено, немањето на силен политички легитимитет на новата извршна власт во официјална Софија заради тесниот изборен резултат, на некој начин го намалува и притисокот врз македонско-бугарската експертска комисија, која, необрменета од дневната политика можеби ќе успее на еден попродуктивен начин да надмине некои од поголемите камења на сопнување.

„Има таков народ“ го предложи Николај Василев за премиер, додека за вицепремиер и министер за надворешни работи, Ради Најденов. Трифонов, пак, уште по првиот изборен ден направи провокација кон нашата земја, за испраќање „северномакедонски“ астронаут во вселена, па колку реално можеме да очекуваме излегување од кризата во односите доколку тој и неговиот тим успее да состави влада?

– Еден од основните елементи според кои може да се препознае нечија определеност да се надмине одредено недоразбирање е воздржувањето од провокации. Погрешното толкување на Преспанскиот договор во однос на придавката „македонски“, секако може да се толкува како првичен негативен индикатор во оваа смисла. Сепак, останува да се види дали оваа погрешна интерпретација преставува ненамерна грешка или свесен потег кој ќе значи продолжување на рестриктивната политика на официјална Софија кон нашата држава.

Како заклучок, важно е да се нагласи дека растот на довербата на бугарските граѓани кон антиестаблишментските проевропски партии, меѓу другото е и заради нивните ветувања за подоследно почитување на владеењето на правото и на европските вредности. Во таа смисла, во однос на македонско-бугарските односи, ваквите очекувања, сметам дека подразбираат и обврска за водење на една умерена европска добрососедска политика која се темели на меѓусебно уважување и почитување.

И Трифонов, но и Бојко Борисов го употребуваат терминот „северномакедонски“ и „северномакедонец“, со што предизвикаа уште поголема нервоза помеѓу македонските граѓани, а ситуацијата како да се вжештува се повеќе во последниве месеци, што многумина од власта го толкуваат како „изборна реторика“ и за „домашна употреба“. Но можно ли е, според вас помирување по сите овие „отровни стрели“ и како до дојдеме до тоа, како што вели и самиот Радев „кога ќе се кренат границите, младите да не се мразат“?

-Доколку некој посакувал македонско-бугарските односи да бидат доведени на едно вакво исклучително ниско ниво, тогаш тој денес има причина за големо задоволство. За разлика од периодот по склучувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, денешните македонско-бугарски односи, за жал, повторно се втурнати во еден политички ќорсокак кој не кореспондира со европските и евро-атланските вредности и принципи кон кои тежнеат двете држави.

Во оваа смисла, сметам дека ниту една предизборна провокација кон Република Македонија не треба да биде разбрана како повод за некоја нова провокација од официјално Скопје кон официјална Софија, бидејќи на тој начин, преку прифаќањето на оваа игра на неодоговорност, уверен сум дека ќе се придонесе повторно да се втурнат двете држави во еден стар недемократски вртлог на меѓусебно негативно стереотипизирање.

Република Македонија и Бугарија, односно македонскиот и бугарскиот народ, како две блиски држави, односно како два блиски народа, кои имаат толку многу сврзни точки во минатото, заслужуваат да имаат заедничка европска иднина во рамките на Европската унија.

Професорот на универзитетот во Грац, Флоријан Бибер за регионален медiум деновиве изјави дека доколку Бугарија реши да ја крене блокадата, следна блокада за С.Македонија може да дојде од Париз, поради претстојните претседателски избори таму, веројатно алудирајќи на шансите на десничарскиот кандидат Ле Пен. Дали ова е реално сценарио?

-Прашањето на проширувањето на Унијата е мултидимензионално по својата природа. Имено, интеграцијата на Република Македонија во Европската унија претпоставува и согласност за овој чин од страна на сите нејзини држави-членки. Од друга страна, пак, факт е дека, заради објективни и субјективни слабости и проблеми, Република Македонија пропушти да се интегрира во ЕУ во едни минати времиња кога евро-оптимизмот беше доминантното политичко расположение помеѓу граѓаните на Унијата.

Сепак, нежалејќи за испуштените шанси, институциите на нашата држава имаат обврска да ги надминуваат препреките и да ја модернизираат државата според рецептот на ЕУ бидејќи модернизацијата самата по себе е посакувано поведение на политичарите, додека, пак, чинот на формалното интегрирање во Унијата претставува само потврда за еден успешно изоден пат.

Да заклучиме: кога говориме за ЕУ, мислиме на реализиација на еден успешен проект за модернизација на Република Македонија, што претставува преземена обврска од граѓаните на сите досегашни избори во континуитет, од стекнувањето на нашата независност до денес. Но, и во иднина. Во таа смисла, во однос на приликите во Европската унија поврзани со проширувањето, сметам дека тие немаат таков неповратен карактер што би значел трајно одвраќање на Македонија од полноправно членство.

Б.М.

Слични содржини