Спасов: Етничката определба во личните карти е глупост

од Nikola Popovski

„За жал, Левица за првпат е во прво. Нема потреба да се дозволува во личната карта ‘кој сака’ да му биде запишувана и неговата етничка припадност или потекло. Тоа не само што е непотребен чин на етничка самоидентификација туку е и чин на етничко самообележување (како со жолта лента на ракавите). За што всушност ја користиме личната карта? За во банка, пред полиција и на гласање. На никого од тие пред кои сме должни да им ја покажеме не им е и не треба да им биде важна етничката припадност на граѓанинот. Етничката определба во личните карти за мене е глупост“, смета универзитетскиот професор, Ѓорѓи Спасов.

Тој тврди дека ова бил перфиден обид да се минира решението договорено со Преспанскиот договор со Грција, според кое во пасошите во графата „Nationality“ пишува „Macedonian“ и  дека многу скоро ќе биде побарано во пасошите да ја пишува и етничката припадност. Спасов вели дека законот треба да се повлече, но дека штетата е веќе направена.

„Во земја со многу етнички мешани бракови тоа ќе биде еден вид изнудување. А кога се знае опасноста од сѐ уште неисчезнатите предрасуди и примери на дискриминација во општеството тоа ќе биде можност и инструмент на националистите и на власта за јавна проверка на тоа дали некој се декларирал како Ром, како Евреин, како Бугарин, или воопшто не избрал етничка припадност во својата лична карта.

Оттука оваа идеја, иницијатива, овој предлог и закон не треба да бидат прифатени, бидејќи не водат кон зголемување на ничии права ниту кон зголемување на еднаквоста и рамноправноста.

Напротив. Мислам дека ова е многу перфиден обид да се минира решението договорено со Преспанскиот договор со Грција, според кое во пасошите пишува националност: Македонска (Macedonian)/Граѓанин на Република Северна Македонија.

Ако помине оваа идеја во законот за лични карти треба да бидеме сигурни дека многу бргу ќе биде побарано етничката припадност да стои и во пасошите кај сите оние што не се баш среќни што и државјанството им е запишано како македонско, односно што во графата Nationality пишува Macedonian, иако е јасно дека тоа се однесува на државјанство и се преведува како македонско.

Можеби предлагачот Беса со ова сака пред локалните избори да добие уште некој националистички поен, но без сериозно разбирање на можните последици лесно водата ќе се налева кон воденицата на за сега маргиналната Левица.

Образложениета од видот ‘ова не ги засега правата на другите’, а ги прави Албанците позадоволни граѓани, во овој случај не држат вода“, стои во Фејсбук статусот на Спасов.

 

Слични содржини