Спасовски: Граѓаните имаат право на протести, но мора да бидат мирни и демократски

од Nikola Popovski

Првиот човек на македонската полиција, Оливер Спасовски попладнево упати апел за мирни и демократски протести пред Владата поради францускиот предлог.

-Граѓаните имаат право на протест и тоа право никој не може да го суспендира. Меѓутоа протестите мора да бидат мирни и демократски. Има најави за радикализација на протестите од одредени политички субјекти, во смисла на напади врз полициски службеници и витални објекти на институции. Вчера имавме обид за ескалација, имаме 4 повредени полициски службеници, а самото тоа покажува дека преку насилство не може да се постигне ништо, туку треба да се разговара во институциите на системот, истакна Спасовски.

Министерот упати апел до политичките субјекти, организаторите на протестите и до граѓаните да покажат демократски капацитет.

-Да ги сочуваме, редот, мирот и безбедноста. Насилството кон оние кои го оддржуваат редот – врз македонската полиција, врз институциите нема да придонесе кон ништо, изјави Спасовски.

Во Скопје од саботата секоја вечер се одржуваат протести, со поддршка на опозициските ВМРО ДПМНЕ и Левица, со барање да се отфрли предлогот, бидејќи според нив, води кон „бугаризација на Северна Македонија“.

Почетокот на преговорите на ЕУ со Скопје во ноември 2020 година е блокиран со бугарското вето поради спорови околу јазикот и историјата, а Брисел го поврза напредокот на Тирана на патот кон ЕУ со напредокот на Северна Македонија.

Слични содржини