Спасовски и владина делегација на прослава по повод Денот на државноста на Република Србија

од Vladimir Zorba

Премиерот Оливер Спасовски заедно со владина делегација, вечерва присуствуваше и се обрати на свеченоста по повод празникот Сретение Господово и Денот на државноста на Република Србија организирана од граѓанските организации на српската заедница во нашата земја.

-Со чувство на посебна почестеност ја прифатив поканата да се обратам на овој свечен настан по повод празникот Сретение Господово, кој, воедно, е и празник на државноста на Република Србија. Настанот на кој присуствуваме вечерва се организира и со поддршка на Владата на Република Северна Македонија и во оваа прилика ги поздравувам и колегите од Владата. Оваа импозантна програма со која ќе биде исполнета оваа вечер, е уште еден придонес во негувањето на нашите традиционално добрососедски односи. Ние сме две блиски и пријателски земји. Немаме отворени прашања. Заеднички сме посветени на унапредување на нашата и на регионалната соработка, рече Спасовски во своето обраќање пред присутните.

Посочи дека заеднички работиме и си помагаме на забрзување на интеграцијата во Европската Унија на нашиот регион, врз основа на индивидуални заслуги и резултати на секоја земја посебно.

-Нашиот заеднички придонес во одбележувањето на празникот Сретение Господово и денот на државноста на Република Србија, е дел од нашата заложба за континуиран жив и силен интерес за одржување и унапредување на односите меѓу нашите две земји, истакна премиерот Спасовски.
Силна алка, како што додаде, на односите меѓу Северна Македонија и Србија, е заедницата на Србите во нашата земја и заедницата на Македонците во Србија.

-Во таа насока вечерва ја препознавам и културно-уметничката програма за достојно одбележување на големиот празник на српскиот народ. Од презентацијата на српската духовна и црковна хорска музика, преку делата на познатите српски книжевници, до настапот на групата за современи танци „Уна Сага Сербика“, која инспирацијата ја наоѓа во фолклорот на својата земја, како и во фолклорните традиции на другите земји на Балканот, рече премиерот.

Со славењето и почитувањето на празниците на сите заедници во Република Северна Македонија, како што рече Спасовски, создаваме традиција за нашите сегашни и идни поколенија за да ги негуваат меѓусебните односи и да ги почитуваат различните културни особености и национално богатство на сите етнички заедници во нашето општество.

-Унапредувањето и надградувањето на меѓусебните односи е наша водилка која ќе се пренесе како непроценливо богатство за сегашните и идни генерации. Нашата меѓусебна почит и вреднување, нашата соработка и врските кои постоеле помеѓу македонскиот и српскиот народ, од секогаш се нашата предност која посветено треба да ја развиваме. Тоа е нашиот заеднички сериозен придонес во изградбата на подобра иднина за нашите народи, за нашите држави и за нашиот регион, додаде премеирот.

Нашата цел, како што истакна, е создавање на одржливо граѓанско општество, во кое ги афирмираме и воспоставуваме меѓусебна почит меѓу сите етнички заедници во нашата земја, со истовремено признавање на етничките, националните, верските и културните разлики. Tокму оваа цел е посебноста и суштината на нашето заедништво.

-Во тоа наше заедништво што се градеше со векови, со свој значаен придонес учествува и српската заедница во Република Северна Македонија. Во определбата на граѓаните на Република Северна Македонија да градиме и негуваме општество еднакво за сите. И тоа се покажува и преку работата на пратеникот во Собранието, господинот Мирослав Јовановиќ, рече Спасовски во обраќањето на свечената академија по повод празникот Сретение Господово и Денот на државноста на Република Србија, организирана од граѓанските организации и асоцијации на српската заедница во Северна Македонија.

Во рамки на манифестацијата што се одржа во Националната установа „Македонски народен театар“ беше организирана богата културно-уметничка програма.

Слични содржини