Спасовски: Мицкоски со двојни аршини, дома ги лаже граѓаните, а надвор ја ведне главата

од Ивана Рамаданова

 Мицкоски дома ги лаже граѓаните дека е против договорот со Бугарија, тој надвор ја ведне главата и кажува дека го поддржува договорот.  Тоа е вистинското лице на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ, заткулисни игри и лицемерие, рече потпретседателот на СДСМ, Оливер Спасовски на граѓанската трибина на СДСМ „На прав пат” во Неготино.

„Доаѓаме затоа што можеме да ги погледнеме граѓаните во очи, да кажеме што сработевме, да кажеме каде згрешивме и да ја побараме поддршката да продолжиме, затоа што сме на прав пат“, додаде Спасовски.

Спасовски потенцираше дека сите држави членки на европското семејство признаа дека е направена историска грешка и дека нашата држава направи се’ што требаше да се направи за да добиеме датум за преговори.

„Продолжуваме да работиме посветено, нашата татковина нема друга алтернатива. Затоа продолжуваме со креирање и имплементација на реформи и мерки, продолжуваме на прав пат кон ЕУ и НАТО“, заклучи Спасовски.

Според него, сите напори и сите заложби во борбата против режимската власт се исплатеа, бидејќи како што кажа, од заробена држава денеска имаме слободна и демократска држава, пријател со демократскиот свет.

„Бевме подготвени на се, дури и ризикот по живот од настаните на 27 април и подготвеноста ако треба и животот да се даде за ослободување на државата. Успеавме Заедно со вас почитувани граѓани. Бевме спремни да го дадеме животот затоа што знаевме дека само слободна Македонија може да оди напред“, посочи Спасовски.

Тој истакна пред присутните дека сега повторно ја живееме слободата и демократијата, посочувајќи дека не сме заборавиле како 11 години се живееше во изолација, страв и закани, со монтирани процеси за пресметка со неистомислениците, како беше згазена слободата на медиумите и на слободното изразување.

„Не беше лесно, но бевме решителни, не калкулиравме, мислевме на државата, на граѓаните и на иднината. И успеавме заедно со вас“ рече потпретседателот на СДСМ, Оливер Спасовски на граѓанска трибина „На прав пат” денеска во Неготино.

Слични содржини