Спасовски: Не станува збор за желба или за противење на избори, имаме состојба која е детерминирана со Уставот и законите

од Vladimir Zorba

Терминот за одржување на изборите е детерминиран уште од носењето на Уредбата со законска сила за запирање на сите изборни дејствија, тоа значи дека по завршувањето на вонредната состојба продолжуваат изборните рокови, истакна вечерва премиерот Оливер Спасовски во интервју на ТВ Клан.

-Не станува збор за желба или за противење на избори заради тоа што ние имаме состојба која што е детерминирана, предвидена со Уставот и со законите. Вие знаете дека вонредните парламентарни избори беа утврдени, како резултат исто така на една ваква лидерска средба, во кои што одлучија парламентарните партии дека е добро да се одржат парламентарните избори на 12 април 2020 год, а тоа беше некаде во октомври месец и тогаш се согласија дека треба да се одржуваат тие избори токму на 12 април, истакна Спасовски.

Премиерот потсети дека пандемијата со Ковид-19, која е светска здравствена криза, бара од сите сериозна одговорност при носење на каква било одлука пред се, како што рече, заради тоа што се однесува на животот и на здравјето на граѓаните. Според него, треба да се почитува и Уредбата на Владата која е со законска сила и која го одредува одржувањето на изборите.

-Кога се одлучи да не се одржат изборите на 12 април се бараше правен механизам како тоа да се случи. Имаме вонредна состојба и Владата врз основа на тоа донесе Уредба со законска сила со која изборните дејствија се ставаат во мирување, а тоа значи дека во оној момент кога ќе престане вонредната состојба, од тој момент продолжуваат изборните рокови и на тој начин се одредува датумот кога треба да се одржат изборите, појасни премиерот Спасовски.

Слични содржини