Спасовски-Нешиќ: БиХ изразува подготвеност за влез во „Отворен Балкан“

од Nikola Popovski

Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оствари работна средба со делегација на Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина, предводена од министерот за безбедност, Ненад Нешиќ.

На средбата фокусот беше ставен на унапредувањето на меѓусебната соработка и продлабочување на пријателските врски меѓу македонското Министерство за внатрешни работи и босанското Министерство за безбедност.

„Особено ми е драго што можам да констатирам дека односите меѓу нашите две земји и регионалната соработка се на едно исклучително високо ниво. Нашата досегашна одлична соработка како на политичко така и на оперативно ниво се темели на веќе потпишаните Договори меѓу Владите на нашите две земји за заемно признавање и замена на возачки дозволи, соработка во борбата против тероризмот, организираниот криминал, нелегалната трговија со наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори, нелегалната миграција како и преземање на лица со незаконски престој, кои несомнено се од големо значење за Република Северна Македонија и за Босна и Херцеговина“, истакнал на средбата Спасовски, информирајќи го притоа Нешиќ за операционализацијата на Договорот помеѓу ЕУ и Република Северна Македонија за оперативна соработка во управувањето со границите со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража -ФРОНТЕКС.

Нешиќ изразил задоволството што Босна и Херцеговина и Република Северна Македонија немаат отворени прашања, одлично соработуваат како две пријателски земји и тоа и во иднина ќе го негуваат. При тоа било побарано од министерот Спасовски да ги сподели искуствата поврзани со работата на граничната служба, борба против криминалот и корупцијата, како и внатрешната контрола. Нешиќ изразил подготвеност за влез во регионалната иницијатива Отворен Балкан, со цел да нема задржување на границите и да тече слободниот проток на граѓани.

Делегацијата на Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина утре ќе присуствува на свеченоста по повод Денот на Специјалната антитерористичка единица ТИГАР.

Слични содржини