Спасовски: Нов концепт на исхрана кај полициските специјалци

од Nikola Popovski

Министерот Оливер Спасовски заедно со раководството на МВР денеска беше во посета на полицискиот центар „Ѓорче Петров“ и изврши увид во функционирањето на новиот концепт на исхрана на полициските службеници од повеќе специјални единици , што веќе една недела се применува и во мензата на ЕБР, а се покажа успешен во рамки на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“.

„Денеска, кујната и ресторанскиот дел се отстапени на економски оператор по претходно спроведена транспарентна јавна набавка каде од операторите се бараше да исполнат високи стандарди, со воспоставен контролен механизам од страна на МВР. Со ова обезбедивме квалитетна услуга во делот на исхраната за припадниците на специјалните полициски единици, набавката на храна се одвива на поедноставен начин од страна на професионален оператор чија што примарна дејност е работа во областа на исхраната, кој пак е должен да ги следи и имплементира високите стандарди во овој процес“, изјави пред медиумите Спасовски за новиот концепт на исхрана.

Министерот информираше дека со доаѓањето на ова раководство во Министерството како дел од стратешките приоритети беше и целосното опремување и унапредување на условите за работа на полициските службеници.

„Функционирањето на безбедносниот систем е основа за функционирање на правната држава со тоа и на економијата и прогресот на државата и во таа насока продолжуваме да ја реформираме и унапредуваме полицијата“, истакна Спасовски.

Слични содржини