Спасовски очекува денеска да биде расчистен инцидентот во Бутел и не гледа поврзаност со убиството на „Жила“ и „Лаци“

од Nikola Popovski

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски очекува до крајот на денот да заврши истрагата околу синоќешната престрелка во Бутел, во која меѓу нападнатите има и полициски службеник.

-Лишени од слобода се две лица. Има лица кои што со другото возило го напуштиле местото на настанот и очекувам дека наскоро и тие ќе бидат приведени. Се работи според класификацијата за насилство. очекувам во текот на денот ќе завршат сите активности во однос на расчистување на целиот случај, рече министерот како одговор на новинарско прашање.

Спасовски не гледа поврзаност на синоќешниот напад со двојното убиство пред неколку дена во Старата скопска чаршија кога беа ликвидирани двете лица Јетон Кривањева-Жила и Енес Исени-Лаци, кои беа дел од скопското подземје.

-Треба да видиме кои се мотивите за синоќешниот напад, иако првично сметам дека нема поврзаност со убиствата пред неколку дена, нагласи министерот.

Синоќа повеќе напаѓачи со две возила попречиле пат на тројца скопјани меѓу кои полицаец кој не бил на смена и физички ги нападнале.

Од МВР денеска излегоа со детали за инцидентот во Бутел:

-Ноќеска од слобода се лишени Н.Б. и Е.Б. и задржани во полициска станица затоа што заедно со уште неколку лица околу 01 часот на ул. Х.Т. Карпош во Скопје, во близина на клучка Радишани, физички ги нападнале П.П. (полициски службеник кој не бил на работа), Д.К. и Ф.Г.. Според пријавеното, Н.Б., Е.Б. и М.С., кои биле со возило „бмв“, како и неколку лица кои биле со возило „цитроен“ му го блокирале патот на возилото „рено“ во кое биле П.П., Д.К. и Ф.Г. и почнале да удираат по возилото и физички ги нападнале. Потоа П.П. испукал неколку пати во воздух од службениот пиштол, по што лицата кои биле со возило „цитроен“ се дале во бегство, соопштија од полицијата.

Слични содржини