Спасовски од Шуто Оризари: Социјалната помош ја зголемивме за 300 отсто и неколкукратно го зголемивме опфатот на корисници

од Nikola Popovski

Претседателот на Владата на Република Македонија, Оливер Спасовски и заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, денеска извршија увид во работите на училиштето „Браќа Рамиз и Хамид” во Општина Шуто Оризари.

Во изјавата за медиумите, премиерот Спасовски истакна дека Владата на Република Македонија во изминатите три години покажа што значи вистинска грижа за сите граѓани подеднакво.

„Покажавме дека македонското општество и нашите граѓани можат да бидат и солидарни и грижливи, дека може да се помогне на секоја индивидуа или заедница на која тоа и е потребно. Социјалната помош ја зголемивме за 300 отсто и неколкукратно го зголемивме опфатот на корисници. Воведовме детски и образовен додаток за поефикасна борба против детската сиромаштија. Минималната плата ја зголемивме од 9.000 на 14.500 денари. Го решивме проблемот со стечајците, денес околу 12.000 стечајни работници добиваат по 8.000 денари до нивно пензионирање”, потенцираше премиерот Спасовски.

Тој нагласи дека солидарно се бориме и против последиците на коронавирусот и дека сите погодени од корона кризата добиваат институционална и солидарна помош.

„Направивме пресврт и разлика, од општество во кое 11 години се газеше врз достоинството на луѓето и станавме општество во кое се помага на сиромашните и ранливите, држава која се стреми сите да имаат и да уживаат еднакви права. Обезбедивме силна имплементација на политиките кои го помагаат вклучувањето на ранливите категории граѓани во општествените процеси и во институциите на општеството. Една од тие политики е квалитетното инклузивно образование за сите.

Денеска, овде во Општина Шуто Оризари, ја следиме таа трансформација во општинското основно училиште „Браќа Рамиз и Хамид”. Гледаме како се остварува стремежот и визијата на општинските власти, со поддршка на Владата, училиштето “Браќа Рамиз и Хамид” да биде во првите редови на сите општествени трансформации и да прерасне во модерно училиште, училиште по мерка на секое дете, училиште на 21 век”, акцентираше премиерот Спасовски.

Тој образложи дека во континуитет во текот на 2018, 2019 и 2020 година се направени сериозни реконструкции и промени за да се создадат соодветни услови за работа во училиштето, како за учениците, така и за наставниот кадар и сите вработени, сè со цел подобрено и непречено одвивање на наставата.

„Општина Шуто Оризари доби поддршка и од Планот за чист воздух за 2019 година за промена на старите прозорци и врати во зградата на општината, со цел да се подобри енергетската ефикасност на објектот, со што се овозможи заштеда на топлинска енергија, како и заштеда на општинските буџетски средства. Дополнително од Планот за чист воздух, за Општина Шуто Оризари се издвоени 500.000 денари за хортикултурно уредување и реконструкција на дворната површина со зелена површина во ОУ „Браќа Рамиз и Хамид”, објасни премиерот Спасовски.

Тој потенцираше дека континуитетот продолжува и оваа година, дека во наредните месеци ќе започне изградбата на нова фискултурна сала, хортикултурно уредување на внатрешните и останатиот дел од надворешните паркови и зелени површини, ќе се замени стариот училиштен инвентар со нов и ќе се опремат училниците и кабинетите со современа технологија и смарт табли.

„Грижата за најмладите останува во врвот на приоритетите и на Општината и на Владата. Над 450 деца Роми чии што семејства се во социјален ризик се ослободени од плаќање партиципација за посетување на градинка, во рамки на блок дотациите што локалните самоуправи ги добиваат од Министерството за труд и социјална политика. Раниот детски развој е основата за понатамошниот развој и едукација на секој поединец и токму затоа во изминатите три години посветено и силно работевме на вложување во раниот детски развој. Инвестирано е во вкупно 43 градинки, а истовремено се јакнат и професионалните компетенции на воспитувачите, преку различни програми но и со зголемување на платите. Само во текот на мината година платите на вработените во градинките се зголемени за 26 проценти”, ја акцентираше грижата и за најмладите од страна на Владата премиерот Спасовски.

„Независно од оваа програма, дополнителни 6.000.000 денари од буџетот на Министерството за труд и социјална политика се наменети за внатрешно опремување на нова детска градинка „8-ми април” во Општина Шуто Оризари. Со овие, и со други проекти во образовните и другите политики за еднаков пристап за развој на општеството, системски ја решаваме инклузијата на деца Роми со вклучување на единиците на локална самоуправа, како дел од зацртаните цели од Националната Стратегија за Роми”, финално потенцираше во својата изјава премиерот Спасовски.

Слични содржини