Спасовски: Подароци, уништување докази се честите злоупотреби на службената положба во институциите, вклучително и во МВР

од Берта Китинска

Министерот за внтрешни работи Оливер Спасовски беше дел од јавната дебата на тема „Ризикот од корупција при издавање на одобренија, решенија, лиценци и дозволи во областа на транспортот и спроведување на надзор“, во организација на Државната комисија за спречување на корупцијата.

-Во нашите аналитички согледувања утврдено е дека најголемиот ризик за корупција кога станува збор за институциите, вклучително и МВР, и натаму се манифестира преку злоупотреба на службена положба и овластување, а формите главно се со прифаќање на подароци и услуги, поткуп, оддавање на класифицирани информации, уништување докази и слично.

Планот за борба против корупција, обилува со мерки кои како институции веќе ги имплементираме, како што е и усвоената Стратегија за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2021 – 2023 година, со Акциски план. Низата нови законски решенија, континуираните надградби на меѓуинституционалната, како внатрешна, така и меѓународна координација и соработка, потоа постојаната техничката и кадровска екипираност и едукација, се само дел од активностите за таа наша решеност да се истрае и успее во борбата против корупцијата,вели Спасовски.

Тој вели дека во првите десет месеци од 2021 година биле откриени и расчистени 114 кривични дела поврзани со корупција и коруптивни злоупотреби – тоа е над 50 отсто зголемување на откривачката функција на полицијата.

-И понатаму најдоминантни се кривичните дела „злоупотреба на службената положба“ со коруптивни елементи – 77 такви дела во првите 10 месеци од оваа година, односно зголемен е бројот на реализации за 54% во однос на истиот период лани. За делата кривично се пријавени 147 сторители, а со нивното извршување предизвикана е материјална штета над 63,6 милиони денари.

Ефикасна борба против корупцијата и тоа како е возможна, меѓутоа покрај силниот внатре-институционален ангажман, неопходно е постоење и соработка меѓу сите ресорни министерства, државни органи и институции за борба против корупцијата и криминалот, воопшто, информира министерот.

Слични содржини