Спасовски: Со СДСМ сте на сигурно на другата страна е режимот, ужас и опасност за сите

од Берта Китинска

Носителот на листата во Втората изборна единица, Оливер Спасовски, во финишот на изборната кампања апелираше до граѓаните дека гласањето е безбедно, и ги повика да излезат масовно и да гласаат за коалицијата „Можеме“ на СДСМ и бројот 3, и со тоа да изберат сигурна иднина за своите деца, наместо режим кој е ужас и опасност за сите.

„Сите ние сме пред огромна одговорност да сочувавме `се што осигуравме во изминатите три години и имаме само еден избор, да продолжиме по правиот пат. Обезбедивме сигурни плати и пензии, сигурни перспективи за младите, сигурни евроатлантски интеграции и правиот пат е сигурност. Следуваат специфични времиња во коишто ќе треба да продолжи успешната грижа за здравјето што денес ја водат одговорни луѓе. И следуваат специфични времиња во економијата за коjaшто се исто така потребни одговорни луѓе, кои покажаа што значи заштита на сечија егзистенција, сечиј бизнис, сечиј кров над главата. Да, можеме и повеќе и подобро и тоа ќе го направиме во периодот што претстои. Но, со СДСМ сте на сигурно и ве повикувам – излезете на гласање и гласајте за бројт 3, СДСМ и коалицијата Можеме“, – рече Спасовски.

Во однос на политичките конкуренти од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека од другата страна е режимот кој чека шанса да се обнови.

„На таа страна во тој мрак се луѓе избркани од работа затоа што не работеле под партиски директиви, се уценети бизниси, се изолирана држава и блокирани перспективи за соединување со современиот свет. На таа страна се криминали, закани по живот. На таа страна се лаги и конструкции. На таа страна е ужас. ВМРО-ДПМНЕ е голема опасност за јавното здравје, за обнова на сиромаштијата и обнова на мракот, за обнова на режимот. Не смееме да го дозволиме тоа“, кажа Спасовски.

Тој нагласи дека ниту една битка не е лесна, но вети дека ќе продолжат со истиот интензитет и во наредниот период.

„Со новата развојна економија, сега кога ги затворивме сите прашања што го блокираа нашиот развој, нашата иднина е сигурна. Сакате ли сигурна иднина? Отфрлете ја опасноста. Излезете на гласање. Сите здравствени протоколи за безбедно гласање се донесени. И изберете 3, изберете СДСМ и Сигурност. Опасностите да ги оставиме во темните страници на историјата на коишто ќе биде испишано како заедно сме ставиле крај на остатоците од режимскиот систем, за никогаш да не се повтори. Да се разбудиме на 16 јули спокојни, дека сме го направиле потребното и сме ја осигурале и сегашноста и сигурната иднина на нашите деца. Број 3. Од секој од нас зависи. Излезете и гласајте. За сигурност“, – повика Спасовски од Куманово.

Слични содржини