Министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ, Оливер Спасовски даде свое мислење околу одлуката на актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски да поднесе независна кандидатура за нов мандат на функцијата во градот.
-Неколку кандидати не се објавени, затоа што во тек се анализите во партијата. Кога ќе завршиме со тоа, ќе ги објавиме. За ситуацијата околу Куманово, таков предизвик во градот имало и во минатото. Секој како одговорен политичар носи одлуки, како и на кој начин ќе настапи во иднина. Мислам дека политичкото семејство е пред се. Смета дека интересот на градот и интересот на државата и взаемната политика на еден сериозен напредок, треба да бидат ѕвезда-водилка. Со таков концепт ќе настапиме и низ цела Македонија, рече Спасовски, гостувајќи во емисијата „Жешко политичко лето“.
Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски пред неколку дена објави дека е започнат процесот за собирање потписи за неговата независна кандидатура.
„Ние сме соочени да се натпреваруваме со кој било останат кандидат од која било политичка партија или граѓанска опција, затоа што нудиме добри решенија за нашиот град, за нашите граѓани и повеќе од јасно е дека и анализите го потврдуваат тоа“, потенцираше Димитриевски.
Тој посочи дека во ниту еден момент не го свртил грбот на социјалдемократската идеа, а најмалку на членовите на Социјалдемократскиот сојуз.
„Но, за жал исто така нема да дозволам и да бидам составен дел на одредени политички интриги на поединци во склопот на мојот политички субјект коишто извршуваат одговорни и политички функции. Затоа ја послушав иницијативата на граѓаните и денеска се одлучив на ваков потег. Се заблагодарувам на сите кумановчани коишто денеска дадоа масовна поддршка на една ваква иницијатива бидејќи сепак тие заслужуваат почит и признание“, додаде Димитриевски.