Спасовски за сообраќајната казна на Заев: Не треба да има разлика помеѓу обичен граѓанин и носител на функција

од Vladimir Zorba

Не може да има неказнивост за кој било. Тоа, според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, е клучната порака по случајот во кој полицијата им изготви записници и платни налози за сообраќен прекршок за неносење заштитна кацига на премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Љупчо Николовски и министрот Венко Филипче .

– Во однос на казните, колегите постапиле и направиле практично записник за сторен прекршок. Тоа е увидено преку материјално-техничките средства кои ги користи МВР и тоа што беше презентирано медиумите. Направени се записници и се издадени платните налози и на претседателот на Владата и на двајцата министри. Многу е важно да се испрати пораката дека не може да има неказнивост за кој било, изјави денеска Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Полицискиот центар Ѓорче петров.

Прашан зошто се различни датумите на платните налози, Спасовски рече дека веројатно тоа е заради детекцијата, како што ги правеле во секторите за внатрешни работи врз основа на тоа ги направиле и датумите.

Во однос на тоа зошто обезбедувањето на премиерот не му укажало дека не носи соодветна опрема, Спасовски наведе дека тој што сторил прекршок тој си ја носи и одговорноста.

– Во конкретниот случај прекршок сториле претседателот на Владата и министрите и тие носат одговорност за тоа. Одделот за обезбедување е со друга насока во делот на обезбедувањето на животот и интегритетот на функционерите кои имаат обезбедување, наведе Спасовски.

Коментирајќи дали е доволна казната Спасовски истакна дека е доволно да функционираат институциите и да нема разлика меѓу обичен граѓанин и носител на функција.

– Ако не напишевме записник тогаш прашањето ќе беше зошто тоа не го направивте, а сега кога се напишани записници и казни и кога се менува едно време што го немало во Македонија сега прашањете е дали биле доволни 50 евра. Доволно е институциите да функционираат во една држава и да нема разлика помеѓу обичен граѓанин и носител на функција, истакна министерот Спасовски.

Слични содржини