Спасувачките екипи извлекоа уште две тела од урнатините на зградата во Флорида

од Stefanija Kuzmanovska

Спасувачките екипи извадија уште две тела од урнатините од бетон и челик на делумно урнатата станбена зграда во близина на Мајами, Флорида, со што бројот на загинатите се искачи на 11, а 150 лица се уште се водат за исчезнати четири дена по трагедијата.

Дождот и големите парчиња цемент им отежнуваат на спасувачките екипи кои работат континуирано од уривањето на 12-катната зграда со 156 станови.

Никој не беше извлечен жив од урнатините на зградата покрај плажата во Сурфајд.

Спасувачките екипи, вклучително и експерти испратени од Израел и Мексико, користат кранови, кучиња и скенери со ултравиолетови зраци за да пронајдат траги од живот во урнатините, но има се помалку надеж.

Сè уште не е познато зошто се урнал 40 години стариот објект, но првичната истрага се фокусирала на инженерскиот извештај од 2008 година, кој укажувал на структурни проблеми. Извештајот е објавен од градските власти на Сурфајд.

Претседателот на здружението на станари со писмо ги предупреди сите во зградата во април 2021 година дека има видливи знаци на влошување на состојбата на бетонот во гаражата под зградата и дека состојбата се влошува од година во година, како и оштетување на покривот.

Слични содржини