Специјалистите од „8-ми септември“ бараат да не работат во тријажа, Костов тврди дека се работи за мал број на хирурзи

од Берта Китинска

Да бидaт сите вклучени во помош во борбата против Ковид-19, но секој да дејствува во својата област бараат специјалистите од ГОБ „8-Септември“, кои минатата недела добија наредба од болницата, лекари од секое хирушко одделение да се приклучи кон лекувањето на болните од коронавирусот.

На барањето на хирурзите, им се вклучија и психолозите, очните лекари, патолозите, докторите на труд на медицината, невролози лекарите од физикалното и кожното одделение.

„Во тријажниот центар, има тешко болни пациенти кои покрај тоа што се заразени со Ковид-19, страдаат и од други болести, за нас е неблагодарно на такви случаеви да им определуваме лекарства“, вели наш извор од ГОБ „8-Септември“.

Специјалистите велат дека тие се подготвени да помогнат во борбата со Ковид 19, но да бидат правилно распределени.

„Во врска со оваа наредба ние како специјалисти пред се укажуваме дека и пред донесената наредба учествувавме во третманот на болните со Ковид-19 во рамките на нашата специјалистичка област, односно во случај на потреба од хируршки третман на пациентот кој се наоѓа на лекување во Ковид одделите, на повик од докторот ординариус“, пишува во барањето од специјалистите кон управата на болницата.

Meѓутоа, продолжува во барањето, со оваа наредба всушност се наредува директно и непосредно учество на специјалистите по хирургија во лекувањето, односно болничкиот прием, третманот, ординирањето на соодветна терапија, следење на состојбата на овие болни, оценка на нивната здравствена состојба и отпуст од болница, што не спаѓа во областа на хирургијата.

Согласно член 125 од Законот за здравствена заштита, здравствениот работник со високо образование, по завршување на соодветна специјализација, односно супспецијализација, може да се стекне со лиценца за работа во соодветната гранка на специјализацијата, односно супспецијализацијата. Од оваа законска одредба произлегува дека секој доктор по завршената специјализација добива лиценца за работа за соодветната област и со таа лиценца може единствено да врши здравствена дејност во соодветната гранка за која му е издадена лиценцата.

Спротивното постапување, односно доколку докторот работи надвор од лиценцата за работа или работи во услови за кои нема дозвола за работа, претставува основ за привремено или трајно одземање на лиценцата за работа, во смисла на член 132 став 2 точка 7 од Законот за здравствена заштита“, пишува во барање на докторите до управата на болницата, во кое имаме увид.

Тие напоменуваат дека извршувањето на оваа наредба е спротивно на интересот на здравјето на пациентите болни од Ковид-19.

Според првиот човек на ГОБ „8-Септември“, Христијан Костов, досега во управата нема престигнато известување од страна на другите специјалисти дека  оваа наредба е во спротивно од медицинскиот кодекс. Додава и дека станува збор за мала група на хирурзи, колеги која реагира ако се има предвид дека во 8-септември работат повеќе од 60 хирурузи.

„Заради згрижување на големиот број на пациенти со симптоми на Ковид кои секојдневно побаруваат помош, болницата го мобилизира целокупниот човечки потенцијал. Докторите од сите специјалности се распоредени во тимови во кои секогаш има и специјалист интернист или инфектолог за да вршат тријажа на новодојдените пациенти. Одлуката за хоспитализација на болните и нивното болничко лекување ја спроведуваат специјалистите интернисти и инфектолози. Болничкото лекување го реализираат тимски специјалисти интернисти, инфектолози и анестезиолози“, вели Костов во изјава за „Локално“.

Во однос на дефицитот на медицински кадар, Костов напомена дека има ротации на лекари, и дека денеска ќе бидат издадени одлуки за врботување на 30 медицински сестри во оваа болница.

Б.М.

Слични содржини