Специјалното обвинителство на Црна Гора поднесе обвинение против Беливук и Миљковиќ

од Vladimir Zorba

Специјалното обвинителство на Црна Гора поднесе обвинителен акт против српските државјани Вељко Беливук, Марко Миљковиќ, Небојша Јанковиќ и Ратко Живковиќ кои според доказите на 14 октомври минатата година го киднапирале Миле Радуловиќ, познат како Капетан, а потоа им го предале на другите членови на кавачкиот клан, кои го убиле „по наредба на Слободан Кашчелан и Игор Божовиќ два месеци подоцна“.

Милош Радоњиќ и Петар Ѓуровиќ се идентификувани како директни извршители на убиството на Радуловиќ, кој беше цел на оваа криминална организација поради сомневање дека учествувал во планирањето на убиството на Радоје Звицер во Украина на почетокот на 2020 година.

Во обвинението, потпишано од специјалниот обвинител Саша Чаѓеновиќ, се и Радоје Звицер, Радоје Живковиќ, Милан Вујотиќ, Драган Кнежевиќ, Душко Рогановиќ и Владимир Вучковиќ, пишува подгоричка „Побједа“.

Според документот на Специјалното обвинителство, групата на Беливук составена од Миљковиќ, Јанковиќ и Ратко Живковиќ, по претходен договор со Кашчелан, Игор Божовиќ и другите членови на нивната криминална група, насилно го притвориле оштетениот Миле Радуловиќ повеќе од 10 дена и постапувале со него на суров начин, „со намера да му изнудат пари и друга имотна корист“.

Според планот на оваа 13-члена криминална организација, Ратко Живковиќ стапил во контакт со Радуловиќ барајќи го да се види со него, па го повикал да дојде во неговата куќа во Спуж, тврдејќи дека тоа е безбедно место.

Радуловиќ без да се сомнева во Живковиќ дошол во неговата куќа каде го пречекале Беливук, Миљковиќ и Јанковиќ кои го совладале и го држеле до вечерните часови, а потоа по наредба на Кашчелан и Божовиќ го пренеле во куќата обезбедена од обвинетиот Душко Рогановиќ во которската населба Радановиќи.

Радуловиќ бил задржан во тој објект до 21 декември 2020 година, а за тоа време Беливук, Миљковиќ, Божовиќ, Кашчелан, Звицер, Вујотиќ, Живковиќ, Кнежевиќ, Радоњиќ, Вучковиќ, Ѓуровиќ и Рогановиќ му се заканувале и му барале информации за тоа кои се членовите на спротивставената криминална организација, каде се наоѓаат нивните „кутии“ со оружје и дрога што ја тргуваат.

Слични содржини