Список на земји, од кои е можно влегување во Грција

од Vladimir Zorba

По неколкудневните дискусии во рамките на Европската унија, формиран е список на земји од кои Грција ќе прима посетители, рече Стелиос Пецас, портпарол на владата на оваа земја, која вчера ги отвори своите граници за масовен туризам.

Пецас изјави дека пристигнувањето на сите меѓународни летови во Грција ќе биде дозволено, освен за директни летови од Велика Британија и Шведска до 15 јули, јавува новинската агенција АНА, цитирана од „Танјуг“.

Од правец на Бугарија, патниците ќе влезат во Грција преку граничниот премин Промахонас, додека од другите премини на границата со оваа земја, влезот ќе биде дозволен само во одредени услови. Патниците од Албанија, Северна Македонија и Турција ќе можат да влезат во Грција само при одредени околности, изјави портпарол на владата, додавајќи дека траектот од Игуменица и Патрас продолжил да сообраќа.

Пецас рече дека Грција ги отворила своите граници за туристите со одредени ограничувања, како и дека ги презема сите неопходни мерки со цел нивна заштита, заштита на локалното население и сите оние кои се вработени во туристичкиот сектор.

По влегувањето во земјата, туристите ќе бидат тестирани за коронавирусот, рече тој, додавајќи дека 5.889 лица од 16 аеродроми биле тестирани вчера за КОВИД-19 и дека резултатите треба да бидат познати денес.

Грчките власти внимателно ја следат епидемиолошката состојба во Европа и во светот и нема да направат отстапки по прашањето за заштита на јавното здравство и животот на луѓето, истакна Пецас.

Слични содржини