Спортскиот директор на Јувентус за Роналдо: „Немам магична топка“

од Vladimir Zorba

Новиот спортски директор на Јувентус, Федерико Черубини изјави дека нема индиции дека Кристијано Роналдо ќе го напушти клубот.

Јувентус прави големи промени во клубот ова лето а претставено е и ново раководство, Черубини го замени Фабио Паратичи, а Маурицио Аривабене е назначен за нов извршен директор.

Една од главните теми е Португалецот Кристијано Роналдо, за кого се шпекулира дека тој може да го напушти торинскиот клуб ова лето.

Черубини изјави дека нема индиции за трансфери и дека клубот очекува Роналдо да се врати по паузата, откако тој играше со Португалија на Европското првенство.

„Немаше сигнали од Роналдо. Особено во врска со гласините за трансферот. Тој постигна 36 гола на 44 натпревари минатата сезона, бројките не кажуваат секогаш сè, но тие кријат многу вистини. Задоволни сме што Роналдо ќе се приклучи на тимот штом одморот заврши“, изјави Черубини, пренесоа италијанските медиуми.

Запрашан за иднината на Роналдо, Черубини рече: „Немам волшебна топка, но сега нема индиции за можен трансфер“.

Тој изјави дека постои можност клубот да не донесе нови играчи во летниот преоден рок.

„Доаѓаме по неколку сезони во кои имавме важни и насочени инвестиции, што нè стави во позиција да го дочекаме почетокот на сезоната со конкурентен тим. Можеби дури и нема да купуваме во преодниот рок, бидејќи веруваме дека имаме конкурентен тим. Се разбира, знаеме дека нешто може да се подобри, но тоа не значи дека тоа ќе се случи“, рече Черубини.

Слични содржини