Срби и Црногорци обвинети за шверц на повеќе од еден тон кокаин

од Nikola Popovski

Португалското обвинителство поднело обвинение против четири лица кои се товарат за прекуокеански шверц на повеќе од еден тон кокаин, а меѓу обвинетите има државјани на Србија и Црна Гора, пишува подгорички „Дан“.

Според португалските медиуми, истрагата утврдила дека тие лица, кои се во притвор, се и организатори на акцијата.

Постапката е прогласена за тајна, па португалските медиуми не го објавиле  идентитетот на обвинетите.

Откриено е дека дрогата е запленета на крајот на октомври минатата година на југот на Португалија, во близина на градот Фаро и дека сега е покренато обвинение. На списокот на обвинети има државјани на Црна Гора, Србија и Велика Британија, а кокаинот потекнува од Мексико, пренесува РТЦГ.

Според португалскиот портал „Опсервадор“, судот го продолжил превентивниот притвор за четири мажи на возраст од 28 до 63 години, кои минатата година ги уапсила специјалната полиција, а кои се осомничени дека припаѓаат на меѓународната мрежа за трговија со дрога.

За време на акцијата, запленети се 50 пакувања кокаин, тешки приближно 1.100 килограми, како и едрилица, возило и други предмети и скапоцености.

Според информациите доставени до медиумите од Јавното обвинителство на градот Фаро, постојат сомневања дека уапсените се членови на меѓународната криминална организација за медијација и транспорт на кокаин и канабис по море од Јужна и Северна Америка и Мароко.

Слични содржини