Средба Димитров – Корчок: Време е за преговори за членство во ЕУ и прва меѓувладина конференција

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, во својство на Национален координатор за странска помош во Северна Македонија и министерот за здравство Венко Филипче денес присуствуваа на примопредавањето на донација на 4 медицински вентилатори  од Словачка преку NATO Pandemic Response Trust Fund (PRTF), во рамките на посетата на министерот за надворешни работи на Словачка, Иван Корчок.

„Многу сме благодарни што Словачка го споделува со нас ставот дека е време да ги почнеме преговорите за членство и да ја имаме првата меѓувладина конференција што е можно побрзо. Исто така сме благодарни што Братислава застана на страна на европските принципи во декември, во смисла на европската перспектива на целиот Западен Балкан” истакна вицепремиерот Димитров, изразувајќи благодарност до министерот Корчок, народот и Владата на Словачка.

„Ова е трета донација, која стина преку системот на НАТО, претходната стигна преку Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија,” посочи ЗПВ Димитров. „Добро е да се има блиски пријатели кои мислат на нас и кога и на нив им е тешко”. Претходно вицепремиерот Димитров заедно со премиерот Зоран Заев остварија средба со министерот за надворешни работи на Република Словачка, Иван Корчок.

Министерот Филипче се  заблагодари за донацијата на министерот за надворешни работи на Словачка:,,Имаме навистина добра соработка со пријателска Словачка во целиот овој изминат период во менаџирањето на кризата, една значајна помош преку различните механизми на колективна безбедност, механизмите на соработка во рамките на Европската Унија. Најпрво имавме донација на маски, лична заштитна опрема и сега 4 респираторни машини вредни близу 100 000 евра кои ќе бидат дистрибуирани во болниците таму каде има најголема потреба. Ова е еден доказ дека кога вака се негуваат пријателите, тогаш навистина служат и се наоѓаат кога е навистина потребно.” потенцираше Филипчеи изјави дека соработката продолжува и понатаму како во полето на здравството, така и на многу други полиња меѓу двете земји.

Слични содржини