Средба Димитров-Коѕијас во Охрид

од desk2

Министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, денеска треба да се сретнат во Охрид, што е  трета средба на двајцата министри за кус период. Минатиот месец Коѕијас беше во Скопје, а потоа заедно со Димитров во Виена се сретнаа со медијаторот Метју Нимиц.

„Целодневниот состанок беше продуктивен, што ме прави оптимист за иднината. Паралелно со нашиот состанок, дипломати и експерти од двете земји работеа на дел од контроверзните аспекти на договорот, особено фокусирани на идниот однос меѓу двете држави, каде што исто така е забележан напредок. Серијата состаноци ќе продолжи и во иднина, трасиравме пат за работа и можам да кажам дека, без да откривам детали, адресиравме тешки прашања“, изјави Нимиц по средбата што се одржа на 30 март.

Димитров по средбата рече дека разговарале за сите отворени прашања, за целиот пакет.

„Можам да кажам дека направивме условен прогрес, условен напредок бидејќи како одиме напред, така доаѓаме и до тешките прашања и мислам дека и од наша и од нивна страна имаме доста за размислување и за мерење. Работевме по логиката што е тоа што е најважно за Република Грција, што е тоа што е најважно за Република Македонија и дали можеме во компромисот кон кој се движиме да ги покриеме двете работи. Меѓутоа, нè зачудува што колку поотворено, поконкретно чекориме кон решение, така и тешкотиите излегуваат сè повеќе на виделина“, рече Димитров.

Шефот на грчката дипломатија вчера во Белград пред да отпатува за Охрид рече дека дека е направен чекор напред во решавање на спорот за името и оти за негово затворање е потребен компромис.

– Реализам и прагматизам е клучот на решението. Потребен е компромис, но не гнил компромис. Двете страни мора да разберат дека не можат да добијат се, рече тој по средбата со српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.

Опсегот на употреба на името, односно грчкото барање за ерга омнес и ревизија на македонскиот Устав се неопходните предуслови што ги бара Атина за постигнување решение, додека пак за Скопје јазикот и идентитетот се критичните точки. Овие четири прашања, според текстовите во грчките медиуми од изминатиот период, се главните разлики што постојат во позициите на двете земји во пресрет на денешната средба во Охрид.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, новинарите во Грција, коментираат дека средбата на Димитров и Коѕијас е особено критична во однос на тоа дали ќе се надминат разликите и ќе има дополнително приближување на ставовите. Она што во Грција често се споменува како позитивен знак е континуираната и јавно изразена волја за решение и од двете страни.

Коѕијас синоќа допатува во Охрид, каде имаше работна вечера со неговиот домаќин Димитров

Слични содржини