Средба Димитров-Савада: Таргетирање на помошта за постигнување на резултати во билатералните односи

Вицепремиерот во Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров оствари средба со новиот амбасадор на Јапонија во С.Македонија, Хиронори Савада.

На средбата, беше ставен фокус на унапредувањето на билатерната соработка и попрецизното таргетирање на помошта за остварување на резултати.

Според соопштението на СЕП, Димитров на средбата посочил дека Јапонија е наш голем поддржувач како на економски така и на политички план, традиционален пријател кој од осамостојувањето досега за Северна Македонија обезбедува значителна поддршка преку Официјалната развојна помош на Јапонија.

„Последната грантова поддршка во висина од околу 813 илјади евра како итна помош за здравствените институции кои се справуваат со Ковид-19 е само уште еден доказ за исклучителната билатерална соработка, но и показател за солидарноста како вредност бидејќи помошта значително ќе придонесе за олеснувње на работата на многу здравствени работници“, истакна Димитров, посочувајќи дека Владата ќе преземе чекори за одржливост на резултатите од поддршката.

Јапонската страна пак, посочува, се осврна на постигнувањата на Владата во контекст на членството на НАТО и беше изразена поддршка за евроинтеграциите на Северна Македонија.

Меѓудругото, Димитров на амбасадорот Савада му посака успех во работата во текот на неговиот мандат, заблагодарувајќи се на јапонската Влада за континуираната поддршка и помош кои што придонесуваат за продлабочување на билатералните односи, стои во соопштението.

Слични содржини