Средба на Димитров со новоименуваната амбасадорка на Германија, Холштајн: Со нетрпение го очекуваме и заедничкиот успех

од Nikola Popovski

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска одржа средба со новата вонредна и ополномоштена амбасадорка на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија, Анке Гизеле Холштајн, која во оваа прилика ги предаде копиите на акредитивните писма.

– Покрај интензивната билатерална соработка во изминативе три години која посветено се стремиме да ја продлабочуваме и во иднина, со нетрпение го очекуваме и заедничкиот успех – првата Меѓувладина конференција да биде организирана токму за време на германското претседавање со Советот на ЕУ. Благодарни сме за досегашниот германски придонес во градењето консензус и донесување на позитивна одлука за започнување на преговори за членство во Европската Унија, во март оваа година, рекол министерот Димитров, стои во соопштението од МНР.

Посакувајќи ѝ успех во вршењето на оваа должност, министерот Димитров оценил дека во изминатиов период се бележи исклучително динамичен билатерален политички дијалог и соработка во повеќе области од заемен интерес.

Амбасадорката Холштајн, се наведува во соопштението, ја повторила поддршката на Германија за реализација на нашите стратешки приоритети, подвлекувајќи дека иако германското претседавање со Советот на ЕУ е исправено пред најголемиот економски предизвик во историјата на ЕУ поврзан со заздравување на земјите погодени од коронавирусот, ќе се заложи максимално да ја засили европската перспектива на нашиот Регион, а со тоа и да обезбеди стабилност и развој на Западниот Балкан.

Соговорниците се осврнале и на актуелните епидемиолошки состојби и здравствените предизвици со кои се соочува нашиот Регион и пошироко, при што министерот Димитров упатил благодарност до Германија за нејзината досегашна помош за борба против пандемијата во нашата земја.

На средбата станало збор и за подготовките за одржување демократски и фер предвремени парламентарни избори во  Северна Македонија.

Слични содржини