Средба на државниот врв со градоначалниците на тема попис: Само со заедништво до успешен попис!

од Берта Китинска

Мора да знаеме што имаме за да ја планираме иднината – е заклучокот од денешната средба на градоначалниците со Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, Претседателот на Собранието, Талат Џафери, Премиерот, Зоран Заев, министрите за локална самоуправа, Горан Милевски и за правда, Бојан Маричиќ, градоначалникот на Скопје и претседател на ЗЕЛС, Петре Шилегов и директорот на Државниот завод за статистика,  и неговиот заменик, Илми Селами.

„Спроведувањето на кредибилен попис е тест за нашата зрелост како држава“ – изјави претседателот Пендаровски во неговото обраќање на средбата. Тој потенцираше дека спроведувањето на овој попис ќе се случува во целосно невообичаени услови, но дека е целосно сигурен и има доверба во кредибилноста, професионалноста и стручноста на Државниот завод за статистика за спроведување на оваа најважна статистичка операција.

Во своето обраќање, Претседателот на Собранието истакна дека пописот не е и не смее да биде политичка операција и дека е редно да се вброиме во редот на земјите кон кои се стремиме, а тоа ќе го постигнеме само со максимална поддршка за успешно спроведување на оваа сериозна статистичка операција.

Премиерот во своето обраќање особено се осврна на важноста на пописот во процесот на отпочнување на преговорите со ЕУ и пописот е наша обврска како држава-кандидат за членство во ЕУ, бидејќи поглавјето Статистика е едно од поглавјата од првиот кластер во преговорите.

Министерот за локална самоуправа и претседателот на ЗЕЛС ја истакнаа огромната важност што пописните податоци ја имаат за развојот на локалната самоуправа и ја изразија својата максимална поддршка и посветеност кон овој процес кој нè засега сите и од чија успешност зависи иднината и развојот на сите општини и на државата во целина.

„Мојот повик е обединувачки – потребно е политичките партии да го поддржат и стимулираат попишувањето бидејќи само сплотени во идејата за модерна и напредна држава, можеме да успееме“ истакна министерот за правда обраќајќи им се на градоначалниците.

Директорот на Државниот завод за статистика ја истакна и ја поздрави огромната поддршка што Заводот ја добива од сите институции во државата и се осврна на улогата на општините во целиот процес на подготовка и спроведување на пописот. Во својот говор, тој повторно ја нагласи потребата и корисноста од податоците што се добиваат со пописот. Имено, со пописот првенствено добиваме податоци за населението, неговата полова и старосна структура, територијалната разместеност, образовната структура и занимање, миграциите, податоци за домаќинствата и нивната структура според бројот на членови, становите и условите на живеење. Со податоците кои ќе се обезбедат преку пописот, општините ќе можат да го планираат својот развој и да донесуваат одлуки за инвестициите, ќе можат да ги планираат услугите што ги даваат на граѓаните, ќе можат да ги планираат и правилно трансферираат буџетските средства со кои располагаат, а истовремено ќе имаат и основа за побарување на повеќе средства, како буџетски така и од ЕУ фондовите. Освен општините, податоците од пописот ќе им бидат од огромна важност и на бизнис заедницата и на невладиниот сектор. Директорот на Државниот завод за статистика ги потенцираше обврските на општините што произлегуваат од Законот за попис, како и улогата што тие ќе ја одиграат во целиот процес. Апелираше за отворена и сестрана соработка, позитивен пристап и максимално залагање на сите учесници во оваа најмасовна и најзначајна статистичка операција, а Државниот завод за статистика со сиот свој професионален капацитет ќе се вложи во успешната реализација на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021.

Слични содржини