Средба Османи – Дендиас на маргините на Генералното собрание на ОН

од Stefanija Kuzmanovska

Министрите за надворешни работи на Македонија и Грција Бујар Османи и Никос Дендиас в четврток ќе остварат билатерална средба на маргините на 77-та сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.

Од грчкото Министерство за надворешни работи во недеката соопштија дека Дендиас во периодот од 19-ти до 23-ти септември ќе оствари низа билатерално и мултилатерални средби на кои покрај прашањата за зајакнување на билатералните односи, „ќе се разговара и за прашања од регионален и глобален интерес, како што се руската инвазија во Украина, енергетската криза, случувањата во Северна Африка, во југоисточниот Медитеран, западен Балкан како и промоција на грчката кандидатура за место во Советот за безбедност на ОН во периодот 2025-26 година, кандидатурата за Советот за човекови права во периодот 2028-30 година и за претседателство со Генералното собрание на ОН во 2035 година“.

Меѓу веќе закажани средби на шефот на грчката дипломатија е и онаа со министерот за надворешни работи на Македонија, планирана за четврток 22-ти септември.

Министерот Османи кој е придружба на премиерот Димитар Ковачевски, во периодот од 19-ти до 24-ти септември ќе учествува на 77-та сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.

Како што утрово соопштија од македонската дипломатија Османи ќе учествува на трансатлантска вечера на министрите за надворешни работи на НАТО, ќе присуствува на состанокот на Јадранската Повелба А5, на состанокот организиран од Процесот за соработка во југоисточна Европа (ПСЈИЕ) и Советот за регионална соработка, како и на средбата на земјите на Централно европската иницијатива (ЦЕИ) и на други важни меѓународни форуми за соработка.

Дополнително, на маргините на ГС „ќе оствари бројни билатерални средби со свои хомолози од земјите членки на ЕУ и од земјите учеснички и партнери на ОБСЕ, во контекст на нашето претседавање со оваа организација, како и со високи претставници од Стејт Департментот на САД, а ќе ја искористи приликата да оствари средба и со претставници на нашата дијаспора“.

Слични содржини