Средба Пендаровски-Вархеји: Фокусирани сме на перспективата за старт на преговорите за членство во ЕУ

од Nikola Popovski

Актуелните состојби во Република Северна Македонија, како и аспирациите на земјата за членство во Европската Унија биле теми на разговор на денешната средба на претседателот Стево Пендаровски со комесарот за соседска политика и преговори за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји.

 

Посакувајќи му добредојде, претседателот Пендаровски му го честитал именувањето на Вархеји за еврокомесар за соседска политика и преговори за проширување и изразил очекување дека тој ќе дава цврста поддршка на перспективата за проширувањето на ЕУ со земји од Западен Балкан.

Претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, истакнал дека европската и евроатлантската интеграција останува стратешка цел за нашата држава. Во очекување на скорешното финализирање на членството во НАТО, посочил претседателот Пендаровски на средбата, фокусот на државата е насочен кон перспективата за отворање на пристапните преговори за членство во ЕУ.

Северна Македонија, истакнал Пендаровски, останува посветена на европската агенда, имајќи го предвид фактот дека за членството во ЕУ има национален консензус меѓу политичките чинители и висока поддршка од граѓаните. Претседателот изразил надеж дека до март годинава ќе биде дефинирана новата методологија за водење на процесот на пристапните преговори меѓу земјите членки на ЕУ.

Во контекст на предвремените парламентарни избори, претседателот Пендаровски повикал на одговорност од сите политички чинители и истакнал дека тие треба да бидат фер, слободни и во демократска атмосфера, со оглед на нашите аспирации за идна земја-членка на Европската Унија.

loading...

Слични содржини