Средба Спасовски-Герберих: Процесот за развој на методологијата не смее да донесе поместување на пристапните преговори

од Aleksandar Petrovski

На денешната средба на претседателот на Владата Оливер Спасовски и германскиот амбасадор во земјата Томас Герберих беше истакната и повторена поддршката на Германија за скорешно започнување со пристапните преговори на нашата земја со Европската Унија и беше заклучено оти процесот за развој на методологијата не смее да донесе поместување на пристапните преговори, соопштија од владината прес-служба.

На средбата беше истакнато дека вчерашната посета на еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји донела умерен оптимизам дека може да се очекува позитивна одлука од Унијата за почеток на преговорите.

– Спасовски нагласи дека Владата ќе продолжи да дава дополнителни позитивни аргументи за таква одлука на ЕУ, како што се подготвеноста за продолжување и одржување на политички дијалог, стабилни меѓуетнички односи, спроведување на реформите и функционирање на институциите, владеењето на правото и дополнителни напори за изнаоѓање на политички решенија за клучни законски реформи, информираа од прес-службата на Владата.

На средбата е констатирано дека Северна Македонија и Германија имаат одлични билатерални односи, кои ги карактеризира динамичен дијалог и стабилно партнерство и беше изразена подготвеност за продлабочување на соработката и во наредниот период.

– На средбата, премиерот Спасовски и амбасадорот Герберих позитивно ја оценија одличната соработка во различни сфери особено во економијата меѓу двете земји и беше изразена подготвеност за унапредување на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и СР Германија, наведоа од владината прес-служба.

Слични содржини