Српската влада: До крајот на годината ќе биде функционален „One stop-shop“ меѓу Србија и Македонија

од Nikola Popovski

На крајот на состанокот на регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ беа потпишани два заклучоци со кои се дефинирани активностите што ќе се спроведуваат до самитот што ќе се одржи во Тирана на крајот на декември. Активностите ќе придонесат за олеснување на трговијата, соработка во областа на безбедноста на храната, фитосанитарната и ветеринарната инспекција, како и слободен пристап до пазарот на труд на граѓаните од трите земји, соопштија денеска од српската владата.

Како што соопштија оттаму, првиот Заклучок го потпишале министерот за финансии во Владата на Србија Синиша Мали, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Бранислав Недимовиќ, министерката за трговија, туризам и телекомуникации Татјана Матиќ, потоа министер за Финансии и економија во Владата на Албанија Делина Ибрахимај, министерката за земјоделство и рурален развој на Албанија Фрида Крифка и заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство во Владата на Северна Македонија Трајан Димковски.

Со овој документ се предвидува до крајот на годинава интензивно да се работи на воспоставување систем за електронска размена на сите потребни документи, царински декларации, фитосанитарни и ветеринарни сертификати, како и на подобрување на веќе постоечките системи.

-Кога станува збор за интегрирано гранично управување, т.н „One stop-shop“ до крајот на годинава Србија и Северна Македонија ќе ги решат сите постојни недостатоци за да биде целосно функционален, а Северна Македонија и Албанија ќе продолжат да работат на формирање „One stop-shop“ меѓу нивните земји, велат од српската влада.

Во заклучокот од работните средби се предвидува до крајот на ноември да се формира заедничка работна група која ќе се занимава со усогласување на даночната политика на трите земји.

Вториот заклучок предвидува потпишување на договор со кој ќе се овозможи слободен пристап до пазарот на труд на граѓаните на трите земји.

-Во Тирана, Албанија, на крајот на декември ќе се одржи самит на кој ќе се разговара за тоа што е направено во меѓувреме и кои се следните планови за искористување на целосниот потенцијал на оваа иницијатива, стои во соопштението.

Слични содржини