Српски аналитичари за „Локално“: Нема услови за фер избори, Вучиќ останува на власт

од Nikola Popovski

Војна, санкции, бегалци, закани со оружје и сојузи…теми кои повеќе потсетуваа на изборните кампањи од 90-тите – се вратија во српската предизборна кампања пред изборите кои ќе се случат во недела. Иако војната во Украина се води илјадници километри подалеку од гласачките кутии во Србија, се очекуваше од партиите во кампањата да се определат околу руската инвазија на нивните соседи. Владата во Србија одлучи да се приклучи кон осудата на руската агресија преку резолуции на Обединетите нации, но да не се приклучи кон економските санкции на Европската унија против Русија, оправдувајќи ја со заштита на интересите на Србија.

За политичкиот аналитичар и професор Зоран Стојиљковиќ, со извесно двоумење, српскиот претседател Александар Вучиќ зазел став кој, врз основа на неговото искуство од 1999 година, го поддржуваат огромното мнозинство српски граѓани. Во разговор за „Локално“, професорот вели дека осудата на руската агресија, која не може да се оправда со никакви безбедносни причини, туку со противење на воведувањето санкции, од кои и самите биле погодени во 90-тите.

-Имајќи го предвид степенот на енергетска зависност, како и важноста на поддршката на Русија и Кина во Советот за безбедност во однос на Косово, тоа е оптималната позиција на Србија доколку нема дополнителни и ексклузивни притисоци од Западот, смета Стојиљковиќ.

Според него, шансите за вториот круг од претседателските избори во Србија се на ниво на теорија.

-Ова е резултат на сеприсутноста на Александар Вучиќ, како и напорот да апсорбира се што може да се интегрира во неговата политичка коалиција за да нема втор круг. Индикативно е дека поради тоа не се кандидира Ивица Дачиќ, ниту Шешељ, ниту претставниците на релевантните и релативно бројни малцински заедници, како на пример Унгарците и Бошњаците, наведува Стојиљковиќ.

Аналитичарот појаснува дека изборните услови биле само делумно и предоцна променети, а тој задоцнет ефект бил намален со медиумското присуство на војната во Украина.

-Способноста на опозицијата да го контролира самиот процес на гласање и со тоа да спречи барем директни изборни манипулации е од клучно значење. Поразот на Вучиќ останува прашање на следните, претстојни избори, а промената во Белград се уште е можна на 3 април, под услов ниту една опозициска изборна колона да не падне под изборниот праг, оценува Стојиљковиќ.

За тоа како ја коментира изјавата на Вучиќ дека одлуката на косовскиот премиер Албин Курти да не им дозволи на Србите на Косово да гласаат на 3 април има за цел „да ги понижи Србите“, но и да го „намали бројот на гласови“ за него и за изборната листа на неговата СНС, Стоиљковиќ вели дека оваа оценка е точна, но го покажува начинот на кој српскиот претседател ја спинува секоја непријатна ситуација, барем индиректно поврзувајќи ја опозицијата со Курти.

Според него, поддржувачите на „српскиот свет“ ќе мора да ја сменат својата реторика доколку тоа значи доведување во прашање на постојните граници или притисок за промена на политичкиот сет на властите во околните земји.

-Истото важи и за поткопување на преговарачкиот процес со Косово. Сосема друга работа е да се бранат легитимните права на Србите и статусот на Српска во рамките на БиХ. На крајот на краиштата, Србија е еден од гарантите на Дејтонскиот договор. Тоа што Србија и Србите се гледаат себеси во регионалната борба и судирот на интереси како несигурни сојузници на САД и ЕУ, па дури и сојузници на Русија, не треба да биде изговор за обид да се маргинализираат, па дури и да се сатанизираат, категоричен е Стојиљковиќ.

Околу иницијативата „Отворен Балкан“ и повикот на Вучиќ да се приклучат и други земји, политичкиот аналитичар вели дека без да навлегуваме во мотивите и придружната маркетиншка злоупотреба на идејата за иницијативата од страна на нејзините поборници, но и противници, тоа секако е корисна економска врска за која ЕУ покажала разбирање.

-На долг рок, имајќи ја предвид видливата стагфлација и цената на санкциите што ќе ги плати цела Европа, не ли е интерес на сите нас кои сè уште сме надвор од ЕУ да избегнуваме конфликти, да соработуваме повеќе, па дури и да ја обновиме блискоста, потенцира политичкиот аналитичар.

Социологот и политички аналитичар Јово Бакиќ во разговор за „Локално“ појаснува дека актуелниот претседател Вучиќ е секако фаворит на изборите, но доколку има втор круг, во кој тој лично не верува со оглед на релативно слабите противници, можно е изненадување.

Според него, нема услови за фер избори.

-Ако имаше незадоволство од целосно криминализирано општество, каде мафијата што ја киднапираше републиката е авангарда на организираниот криминал, кој потоа може да зоврие, борбата за промена на режимот ќе станеше реална. Мислам дека поголемиот дел од општеството, надворешната политика на Вучиќ ја доживува како добра, вели Бакиќ.

Социологот смета дека останувањето на српскиот претседател на власт нема да влијае на иднинатата на целиот регион.

– Ништо не зависи од претседателот на Српската напредна странка. На овие простори има колонии, а Србија не е исклучок, потенцира Бакиќ.

Бакиќ не смета дека „Отворен Балкан“ има посебна иднина.

– Не верувам дека иницијативата има иднина, бидејќи таа всушност е наметната однадвор, додека народите (не мислам на меѓусебните односи меѓу Србите и Македонците, кои ги сметам за доста добри) се затруени со омраза, посочува социологот.

Околу кандидатурата на Македонецот Тома Фила за градоначалник на Белград, Бакиќ порачува дека Фила важи за добар адвокат, но „ќе видиме дали партијата СПС ќе успее да го мине прагот (3%) во Белград.

-Не би бил изненаден доколку останат под прагот, но Тома Фила не е виновен за тоа. Тој е член на партија која прикрива разни мафијашки структури и која им здодеа и на Бога и на луѓето. На крајот на краиштата, зошто СПС, ако е тука СНС, односно ако нема разлика меѓу тие партии?, прашува социологот.

Тој додава дека изјавата на Вучиќ околу одлуката на косовскиот премиер Албин Курти да не им дозволи на Србите на Косово да гласаат на 3 април за него и за изборната листа на СНС, е „изјава за домашна употреба“.

-Поточно за неговиот електорат, затоа што треба некако да го прикриеме фактот дека авторитарно-мафијашкиот режим на Александар Вучиќ не се прашува за ништо, освен за криминал на Косово и Метохија, порачува социологот Бакиќ.

Н.П.

Слични содржини