Српски медиуми: Историска вест – Скопје и Атина постигнаа договор за името

од desk4

   Вест која може да го носи епитетот историска – Скопје и Атина постигнаа договор за новото име на Македонија.

Вака вечерва беше најавена веста за постигнатиот договор меѓу Скопје и Атина на една од најгледаните и највлијателни телевизии во Србија, ТВ Н1.

ТВ Пинк веста ја емитуваше со истиот наслов „Историски договор: Новото име на Македонија е Република Северна Македонија“.

Останатите телевизиски станици, како што се О2 (Б-92), РТС и РТВ, како ударна вест вечерва информираа за постигнатиот договор, со детали и тонски изјави од прес-конференцијата на премиерот Зоран Заев, но и со информации од Атина за изјавата на грчкиот премиер Алексис Ципрас дека е постигнат договор со Скопје.

БК ТВ информираше дека „Грчкиот премиер е среќен: постигнат е договор со Скопје“.

Речиси и сите интернет портали и оние на печатените медиуми, како ударна вест ги пренесуваат информациите од прес-конференцијата на премиерот Заев.

Така, „Вечерње новости“ излезе со наслов „Падна решение: Македонија доби ново име“, „Блиц“ оди со сличен наслов „Постигнат договор: Македонија со ново име“, а „Курир“ пишува дека „Грците попуштиле -Зоран Заев: Македонија доби ново име, ќе се вика Северна Македонија“.

И останатите медиуми објективно и како ударна вест ги пренесуваат информациите од Скопје и од Атина, изнесувајќи детали од прес-конференцијата на македонскиот премиер, како и дека доаѓаат подобри денови за Македонија.

Спутник од Белград во текстот од веста за постигнатиот договор пишува дека „премиерот на Македонија Зоран Заев соопшти на конференција за новинарите дека името на оваа поранешна југословенска република ќе биде Северна Македонија“.

Порталите „Вести“, „Правда“ и „Телеграф“ во информациите се повикуваат на грчките медиуми, во кои меѓу останатото одат со насловот „Ципрас: Имаме добар договор со Скопје, Павлопулос: Одговорноста е нивна!“.

За постигнатиот договор меѓу Скопје и Атина и реакците во светот информира и Танјуг, како и новинската агенција Бета, која информациите од Скопје ги наслови: „Заев: Ново име за општа употреба, со заштита на македонскиот идентитет“.

Слични содржини