Српски медиуми: Македонците викендов доаѓаат во Белград да се вакцинираат

од Nikola Popovski

Повеќето Македонци, кои поднеле барање за вакцинација во Србија преку порталот „е-Влада“, планираат викендов да дојдат во Белград за да примат вакцина против коронавирус, пишуваат српските медиуми.

Некои жители на Скопје со кои разговарал дописникот на Бета ќе одат во Белград само за да се вакцинираат и веднаш ќе се вратат, но има и такви кои ќе ја искористат оваа можност да ги посетат пријателите.

„Поради должината на патувањето, некои ќе дојдат во Белград заедно со пријатели или колеги, а ќе има и семејни патувања за вакцинација. Граѓаните на Северна Македонија најмногу се пријавија за вакцинација во Врање или Ниш, поради непосредната близина, но вчера добија повик од „е-Влада“ да дојдат на Белградскиот саем за да ја примат вакцината АстраЗенека“, пренесува „bizlife.rs“.

Соговорникот на Бета од Скопје изјавил дека е пријатно изненаден кога добил позитивен одговор на апликацијата за вакцинација и додаде дека ќе ја искористи можноста, иако Белград е „малку далеку“.

„Бев пријатно изненаден кога добив позитивен одговор. Иако избрав поблиска дестинација, Врање, сепак терминот ми е во Белград. Малку е далеку, но сепак ова е извонредна можност дадена од српската влада“, рекол тој.

Соговорникот на Бета, кој сакал да остане анонимен, додал дека „за жал, поради епидемиолошката состојба, патувањето ќе биде исклучиво заради вакцинација“, и дека тој веднаш ќе се врати во Скопје.

Во Србија викендов ќе се вакцинираат и вработени во компаниите што се членки на Стопанската комора на Северна Македонија. Најголемата стопанска комора во земјава обезбеди вакцинација со помош на партнерската Стопанска комора на Србија преку коморскиот инвестициски форум.

Владата на Србија одлучи да им овозможи на странските граѓани да се вакцинираат без негативен тест за PCR и претходна најава. За да се регистрираат странци за вакцинација против коронавирус преку порталот е-Влада во Србија, доволно е да имате само српски мобилен телефонски број, објави Балканската мрежа за истражувачко известување БИРН.

 

Слични содржини