Српски психолог: Борбата со короната ќе биде маратон

од Stefanija Kuzmanovska

Борбата со коронавирусот очигледно ќе биде маратон, како што вели Светската здравствена организација и затоа мора да бидеме психички подготвени, изјави психологот и доцент на Катедрата за психологија на Филозофскиот факултет во Србија, Милица Вукелиќ на вебинарот на Српската асоцијација на менаџери (САМ), пренесе „Нова.рс“.

Таа истакна дека истражувањето во Кина покажало дека од вработените кои се вратиле на работа по завршувањето на првиот бран на епидемијата, 11% од нив имале посттрауматски стрес, додека 8% од вработените имале некаква депресија или анксиозност.

Милица Вукелиќ истакна дека се добива впечаток дека не сме емотивно подготвени за долготрајна борба со коронавирусот. Таа потенцира дека во овој момент се наоѓаме во животен но и во кариерен шок и дека имаме ситуација кога само е сигурно дека иднината ќе биде неизвесна.

Советот на психолозите е дека луѓето мора да развијат отпорност да се справат со стресот, затоа што не знаеме колку долго ќе трае оваа состојба.

Милица Вукелиќ особено укажа на феноменот на инфодимија, односно прекумерната количина на информации на која сме изложени секој ден. Истражувањата покажаа дека тоа предизвикало висок степен на анксиозност кај голем број луѓе.

Особено се потенцира дека треба да се одржи физичката дистанца, но да се задржи социјалната врска помеѓу луѓето.

Советот на психолозите е дека мора да го прифатиме фактот дека не може сè да биде оптимално, и дека можеби треба да се откажеме од амбициозни цели со цел да ја задржиме „главата над вода“.

Слични содржини