Српските туристи ќе заштедат околу 12,5 евра на патарините во Македонија

од Nikola Popovski

Српските туристи ќе заштедат 760 денари (околу 12,5 евра) на патарините со автомобили кога ќе патуваат низ Северна Македонија од двата правци во летната сезона, објави Владата.

Владиниот портпарол, Душко Арсовски, рече дека владата ги усвоила информациите дека српските туристи се ослободени од плаќање патарина за транзит преку „Коридорот 10“ (автопатот „Пријателство“) во летната сезона од 15 јуни до 15 август. Арсовски прецизира дека Министерството за финансии е надлежно за префрлање пари на сметката на Владата за набавка на 200.000 смарт- картички што ќе им бидат дадени на туристите од Србија на влезот во С. Македонија од двата правци.

„Во однос на буџетот, колку ќе се заштеди е јасна работа. На секоја картичка ќе има 760 денари, колку што чини транзитот на Коридорот 10 низ С. Македонија. Изработката на една картичка ќе чини 100 денари, што значи дека трошокот за возило е 860 денари“, рече тој на прес-конференцијата на која ги објасни вчерашните одлуки на Владата.

Арсовски додаде дека се проценува дека треба да се направат 200.000 картички, што ќе овозможи бесплатни патарини за српските туристи во летната сезона, врз основа на податоците од 2019 година, кога бил регистриран најголемиот број странски возила што поминале низ нашата земја.

Ослободувањето од плаќање патарина на српските граѓаните, доаѓа како знак на благодарност по донациите вакцини што Србија ѝ ги даде на Македонија, во периодот кога нашата земја имаше потреба од такво нешто.

Слични содржини