ССК: Азески со неточни информации го нарушува нашиот углед

од Vladimir Zorba

Сојузот на стопански комори на Македонија преку соопштение реагираше и ја осуди изјавата на претседателот на Стопанска комора на Северна Македонија во која тој, според нив, „служејќи се со неточни информации и неосновани тврдења го нарушува угледот на Сојузот“.

„Сојузот во годините на неговото постоење преку превземените активности и постигнатите цели се издигна како препознаен партнер за поддршка на сите деловни субјекти кои посветено и одговорно ги поставија своите бизниси и го трасираа патот на нивниот раст и развој. Сите тие во Сојузот гледаат партнер за водење на успешен бизнис кој ги препознава нивните потреби и ги поддржува нивните цели адресирајќи ги до надлежните институции се’ со цел да се најде начин за нивно решавање, што ќе придонесе за економски напредок на општеството.

Сојузот е препознаен партнер и од креаторите на политиките со кои секогаш има искрен однос, изграден врз основ на поддршка на политиките кои креираат подобро деловно опкружување, како и критика кога нивните одлуки негативно го засегаат овој процес. Сојузот има изградено однос на взаемна соработка и доверба и со сите релевантни меѓународни институции и организации од целиот свет со кои одржува редовни консултации и блиска соработка.

Воедно им заблагодаруваме на постојните членки на довербата која ни ја даваат, како и на новите кои членки кои секојдневно ни пристапуваат и го даваат својот учинок во целокупното работење на нашата комора како најголема и најрепрезентативна мрежа на микро, малите и средните претпријатија кои претставуваат повеќе од 90% од активните деловни субјекти во земјата. Релативизирање и оспорување на значењето на сродните организации не е во нашите програми и цели кои значат конструктивно учество во напредните процеси на раст и развој.

Бесмислените изјави ни даваат уште поголем поттик и во иднина да докажеме дека сме вистинска конкуренција и претставник на она што значи двигател на модерни и прогресивни економски процеси во целото општество“, додаваат оттаму.

Слични содржини