ССМ: Често работодавачите бременоста ја третираат како ризик и пречка за работно ангажирање на жените

од Vladimir Zorba

Сојузот на синдикати на Македонија упати честитка по повод Меѓународниот ден на жената во која во име на сите жени бара поголема институционална поддршка за родова еднаквост и елиминирање на сите форми на родово базирано насилство и дискриминација.

– Жените, членови на ССМ бараат одржливи работни места, поголеми и подостоинствени плати, здрави и безбедни услови за работа, социјална сигурност и остварување на работничките права, се вели во честитката.

Од ССМ порачуваат дека се неопходни поголем број на градинки, згрижувачки капацитети за возрасните членови на семејството, здравствена заштита и социјална сигурност како предуслов за остварување на балансот меѓу трудот, работењето и остварувањето на потребите на семејството.

Се залагаат за еднакви услови, можности и обврски во грижата за децата и семејството, без стереотипи и предрасуди.

Националната законска регулатива има утврдено еднакви демократски права за двата пола, велат од ССМ, но во практиката сеуште жените се дискриминирани и исправени пред одлуката дали да имаат кариера и работа или да се определат за чување на деца и грижа за семејството.

– Се уште има работодавачи кои ги обесхрабруваат жените на начин што работно не ги ангажираат, а и доколку ги вработат ги распоредуваат на пониски работни позиции и пониски плати од нивните колеги мажи,без оглед на тоа што жените се еднакво квалификувани, оспособени и продуктивни. Единствена причина за ваквиот однос кон жените работнички е поради нивната репродуктивна улога, грижа за децата и домашната работа. Дискриминацијата на жените и родовите стереотипи се сеуште присутни и актуелни во дел од компаниите, а често менаџерите и работодавачите бременоста ја третираат како ризик и пречка за работно ангажирање на жените, посочуваат од ССМ.

Слични содржини