ССМ: Финансиска поддршка треба да добијат само компаниите што се грижат за зачувување на работните места

од Vladimir Zorba

Владата да обезбеди финансиска поддршка првенствено за компаниите кои ќе ги вратат работниците кои биле отпуштени од работа. Во периодот на консултации пред најавениот петти пакет мерки, ова е еден од суштинските предлози со кој Сојузот на синдикатите ќе излезе пред Владата.

Услов за помош од страна на државата според синдикатите треба да биде и обврската која им налага на работодавачите да не ги отпуштат работниците најмалку три месеци по завршување на мерката. Во обид да се спречи досегашната злоупотреба на средства од финансиската поддршка за исплата на платите на работниците од страна на одредени „газди”, ССМ бара субвенционираната плата да се исплаќа директно на сметка на работниците.

„И по четврти пат „газди” оставија работници без никаква егзистенција, а за тоа земаа срества од државата”, посочуваат синдикатите.

Предлог мерка која треба да обезбеди поголема заштита на работниците е и барањето за насочување кон спроведување на јавни набавки од страна на државните органи, исклучиво од домашните компании кои не отпуштиле неосновано работници и не ја злоупотребиле финансиската поддршка за исплата на платите.

„Исто така, бараме Владата да води грижа, финансиската поддршка и инвестициите да се обезбедуваат за компании кои ги почитуваа Законите и Колективните договори, кои немаат злоупотребено средства од финансиската поддршка од Државата и кои имаат неосновано отпуштено работници, велат во ССМ.

Категорични се дека работниците кои користеле мерки како хронично болните, бремени жени, чување на дете до 10 години, треба да бидат исплатени во висина на нивната плата, без нејзино намалување.

„Да се води грижа и за мајките кои користеле породилно отсуство, а им престанал договорот за вработување по било кој основ и истите да имаат право на платено на породилно отсуство”, децидни се синдикалците.

ССМ повторно предлага надоместокот на плата за отсуството од работа поради зараза од коронавирусот, изолација и самоизолација поради изложеност на Ковид-19 да изнесува 100% од основицата утврдена со закон.

„Нагласуваме дека Сојузот на синдикатите на Македонија смета дека во Правилникот за листа на професионалните болести, како професионална болест треба да се смета заразата со Ковид-19, не само за здравствените работници, туку и за работниците од други дејности и вработени во институции на работни места каде е можен контакт и изложеност на Ковид-19, а Министерството за труд и социјална политика да предложи предлог Законско решение или предлог решение во Правилникот во најскоро време”, заклучуваат во ССМ.

Како проектирана цел на петтиот пакет мерки ја посочуваат подршката на работниците, претпријатијата и јавните служби во нивните обиди да ја преживеат кризата.

„Наша основна цел е зачувувањето на работните места”, велат во Синдикатот.

Реалноста покажува дека задачата нема да биде лесна. Според последните податоци, како резултат на ковид-кризата отказ добиле 16.400 работници. Платата за ноември 2020 година не ја примиле 782 вработени од 245 работодавачи кои ја искористиле финансиска помош од државата како една од владините мерки за справување со пандемијата од Ковид-19.

Од компаниите кои не исплатиле плати во ноември, 43 се од дејноста трговија на мало кои не им исплатиле на 84 вработени, 37 фирми за подготвување оброци и служење храна не им исплатиле плата на 108 вработени, а 22 фирми се од транспортот кои не исплатиле плати на 127 работници.

К.В.С.

Слични содржини