ССМ: Ковачевски, Тренчевска и Бесими потврдија: Нема намалување на плати и губење на работни места

од Берта Китинска

Сојузот на синдикатите на Македонија им ,,заблагодарува” на претседателот на Владата, Ковачевски, Министерката за труд и социјална политика, Тренчевска и на Министерот за финансии, Бесими што повторно јавно истакнаа дека Мерките и планот за штедење иако донесен на седница на Влада и доставен до сите институции за постапување нема да се применуваат поради тоа што нема да се намалуваат платите на вработените во јавен сектор, никој нема да го загуби своето работно место, нема да се кратат работнички права особено нема да се укинуваат колективните договори.

„За потсетување истите ветуваа зголемување и усогласување на платите на работниците во јавниот сектор, а иако законска обврска, премиерот и министерката за труд не го исполнија ветеното за разлика од сите други, а министерот за финансии кој беше најмногу против зголемување на платите на работниците во јавниот сектор и поради кој премиерот и останатите министри не ги зголемија платите, го прифати предлогот на ССМ и за вработените во Министерството за финансии ги зголеми платите за 30%.

,,Охрабрувачките” пораки кои работниците не ги разбираат како министрите, особено поради тоа што веќе дел од нив се праќаат на принуден одмор, веќе им се намалуваат плати и веќе се прават списоци за отстрел на работници, гласат:

-Нема да има отпуштања и нема да има намалување на платите на вработените во администрацијата, изјави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во Тема на денот на телевизија Сител.

-Платите на вработените нема да бидат намалени, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски откако Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) реагираше дека нема да дозволи намалување на работничките права преку кратење на плати, неисплаќање на додатоци и надоместоци од плата.

„Целта не е да се кратат платите на работниците, туку тоа е план за фискална одржливост којшто содржи низа мерки во насока на консолидација на трошоците и подобрување на квалитетот на услугите коишто го добиваат граѓаните“, рече Ковачевски.

-„Во ниту еден момент, ниту премиерот, ниту некој друг кажал дека ќе се намалат платите, а тоа не стои ниту во Планот за штедење, но има одредени сектори и колективни договори чии решенија ќе мора да се ревидираат“, рече вечерва министерот за финансии Фатмир Бесими.

Ги споделуваме мерките кои не се кажани туку се напишани, а за кои работниците сами можат да се уверат што значат, а што значат зборовите на владините функционери“, се вели во соопштението на ССМ.

Слични содржини