ССМ: УО на „Водовод“ ја поништи одлуката на Митовски за отказ на претседателот на Синдикатот

од Nikola Popovski

На вчерашната седница, Управниот одбор на ЈП Водовод и канализација Скопје по грижливо оценување на доказите и утврдување на фактичката состојба, едногласно донесе Одлука со која приговорот на Претседателот на Синдикалната организација при СУТКОЗ во ЈП Водовод и канализација Скопје, Стојанче Кашиковски се уважува и Решението за изрекување на дисциплинска мерка – престанок на работниот однос се поништува, а предлогот за поведување на дисциплинска орговорност се одбива како неоснован, соопштија од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Од таму потенцираат дека одлуката на Управниот одбор уште еднаш потврдува дека в.д директорот Марјанче Митовски продолжува да работи спротивно на законите и колективните договори и дека со таквото постапување предизвикува огромна штета по претпријатието како и по имиџот на градот Скопје, а за што Синдикатот СУТКОЗ при ССМ континуирано предупредува изминатите недели, а за што и веќе е отпочната постапката за организирање и спроведување на штрајк во претпријатието веднаш штом завршат законските рокови.

-До сега, од страна на Управниот одбор, Државниот инспекторат за труд и Државниот управен инспекторат се констатирани низа неправилности во работењето на в.д директорот Митовски и му се поништени сите одлуки и решенија кои ги носи, а истиот очигледно не е дораснат на нивото на задачата која му е доделена и истата веднаш треба да му биде одземена, за што и Управниот одбор на вчерашната седница јавно побарал оставка од в.д директорот Митовски, со што ќе се спречи и понатаму да раководи со ова јавно претпријатие и незаконски да постапува и да се спречи да се изживува врз работниците. Синдикалната борба продолжува до крај со ваквите така-наречени директори, тирани што се против работниците, порачуваат од ССМ.

Слични содржини